Потпретседателката на САД Камала Харис ја обезбеди поддршката од мнозинството делегати на Демократската национална конвенција за да стане демократски кандидат за американски претседател.
Анкетата на Асошиетед прес на демократските делегати покажа дека таа може да има поддршка од 2.538 делегати, што е многу повеќе од 1.976 потребни за победа на делегатското гласање следната недела. Претседателот на Демократскиот национален комитет Џејми Харисон изјави денеска дека партијата ќе номинира претседателски кандидат до 7 август.
Делегатите сè уште можат да се предомислат пред 7 август, но никој друг не доби ниту еден глас во анкетата на АП, а 57 делегати рекоа дека се неопределени.
Претседателот Џо Бајден ја поддржа Камала Харис во неделата кога тој се повлече од трката поради прашањата за неговата возраст и здравје. Тој вети дека ќе остане на функцијата до истекот на неговиот мандат на 20 јануари 2025 година.
Во своето прво појавување во јавноста по објавувањето на нејзината кандидатура, Харис ги собра поддржувачите во понеделникот и во нејзиниот деби говор во предизборната кампања вети дека ќе го гони републиканскиот кандидат Доналд Трамп како обвинителот во судницата што беше некогаш.
„Сум обвинувала криминалци од секаков вид. Предатори кои злоупотребувале жени, измамници, убијци“, изјави Харис по 28 часа откако претседателот Џо Бајден (81) се откажа од трката за Белата куќа.
Кампањата на Трамп одговори на нејзините коментари тврдејќи дека „Камала Харис е исто толку неспособна како Џо Бајден, па дури и полиберална“, според Каролин Левит, националниот секретар за печат на кампањата. „Не само што Камала мора да ја брани својата поддршка за неуспешната агенда на Џо Бајден во изминатите четири години, таа треба да одговара и за нејзиното досие за криминалот во Калифорнија“.