(Видео) Калуѓерки затворени поради „сурово злоставување“ на деца во озлогласено сиропиталиште во Шкотска

by Fokus

Две калуѓерки и негувателка кои малтретирале деца во озлогласено сиропиталиште во Шкотска добија по три години затвор. Сестрата Сара Мекдермот (79), сестрата Ајлин Иго (79) и негувателката Маргарет Хјуз (76) се изјаснија за невини за време на судењето за насилните дела извршени помеѓу 1969 и 1981 година.

На поротата и беа потребни три дена за да ги прогласи за виновни за серија сурови инциденти во сиропиталиштето Smyllum Park во Ланарк. На судењето бројни поранешни жители на домот за сираци раскажаа низ што минувале. Една жена рече дека Мекдермот ја претепала откако пријавила дека нејзиниот брат бил сексуално нападнат од волонтер во бањата на сиропиталиштето. Волонтерот Брајан Дејли подоцна беше осуден на 15 години затвор поради злоупотреба на деца.

Наместо да го истражи злоставувањето, сестрата Мекдермот и удрила шлаканица на девојката и ја искарала. Друг поранешен жител раскажал како Мекдермот повеќепати ја тепала со бројаница по главата и телото, пишува Дејли Мејл.

Според обвиненијата, сестра Иго насилно ги хранела децата, ги тепала по главата и телото и ги терала да ја јадат сопствената повраќаница. Што се однесува до негувателката Хјуз, поранешните жители на сиропиталиштето тврдеа дека таа ги тепала и ги капела во ледена вода. Една девојка рече дека ја држела главата под вода.

Адвокатот на сестра Мекдермот, Ричард Соутер, рече дека тоа било друго време. „Овие прекршоци се случија во време кога децата се третираа и воспитуваа поинаку. Обвинетата не знаеше какви последици ќе има нејзиното однесување“, рече тој.

Сиропиталиштето Smyllum беше затворено во 1981 година. Според наодите на шкотската истрага, младите луѓе во сиропиталиштето биле сексуално злоставувани и тепани со кожни ремени, четки за коса и со крстови.

Поврзани новости