Ковид пандемијата отиде во втор план во предизборието, а особено вечерта кога заврши вториот круг од локалните избори, па сите победници, поточно нови градоначалници излегоа да ја прослават победата во градовите каде што добија четиригодишен мандат. Без маски, без дистанца, со куп луѓе на едно место беше прославена победата, која според официјалните резултати ја однесе опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
Веднаш по прогласувањето на победата, речиси во сите скопски општини и градови низ државата започнаа прославите, но од тој момент, па и во текот на двата круга никој не спомена дека државата веќе втора година ја тресе ковид пандемија и дека нормално е да се почитуваат мерките, кои доаѓаа од страна на министерството за здравство.
Според споделените видеа на социјалните мрежи слободно можеме да кажеме дека никаде не се почитуваа ковид мерките, а вчера излезе и видео од славењето на старо-новиот градоначалник на скопски Карпош од редовите на ГРОМ, Стевче Јакимовски кој заедно со 50 луѓе околу него без никакви маски и дистанци, со песни и гушкања го прославија неговото враќање на власт.
Сепак, тој не беше единствениот. Тоа што беше чудно во целата приказна е што пред изборите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неколку наварти нагласи дека власта токми избори во време на пандемија, што може да биде фатално за многу граѓани. Но, како што почнаа да излегуваат резултатите во првиот круг и атмосферата беше наклонета на страна на опозиционерите, така и тие заборавија дека има корона вирус, па сите сили ги насочија кон освојување на повеќе општини во вториот круг.
Од друга страна, во дневните извештаи бројките на заразени пациенти секојднено се над 400 пациенти, ама за таа цел никако не се намалуваат бројките на починати, кои досега достигнаа над 7.100 починати пациенти.
„Се започна од изборниот спот на победничката партија. во затворен простор без маски и дистанца, сите интелектуалци, професори, доктори, меѓу нив и епидемиолог!!! (Новиот градоначалник на Битола). Околу 50 лица! Тој спот е сниман најмалку два часа. Никој не ги казни. При отворањето на Трговски центар, претседателот на државата, премиерот, претседателот на Собранието, министри, градоначалници влегуваат во затворен простор без маски. Според тоа, со прославите на народот на отворено е депласирано да коментирам. Нека си слават, кога тие истите што ги носат мерките ги прекршуваат. Треба на сите 130.000 казнети зан неносење маски досега, од кои повеќето казнети за неносење на отворено, да им се извинат и да им ги вратат парите – истакна во изјава за „Фокус“, микробиологот Никола Пановски.
Како што се наближува студеното време и сите повеќе ќе бидат во затворени простории, така се очекува и да се зголемуваат бројките на заразени од Ковид 19, а дали локалните избори ќе допринесат за уште поголемо зголемување ќе покаже времето.
Досега во земјата се направени вкупно 1.386.978 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 202.705, бројот на оздравени пациенти е 188.849, на починати е 7.145, а бројот на активни случаи изнесува 6.711.
Ирена МУЛАЧКА