(Видео) Како би изгледала Земјата ако може да се видат стакленичките гасови

by Fokus

Нивото на јаглерод диоксид во атмосферата се зголемува со рекордна брзина, поради активностите на човекот. Тоа пак придонесува за затоплување на планетата и климатските промени.

Стакленичките гасови се безбојни, односно не можеме да видиме колку ја покриле и загадиле нашата планета. Можеме само да се обидеме да го замислиме или, како што се обиде НАСА, да ја визуелизираме нивната циркулација низ атмосферата.

НАСА објави три видеа (за три региони во светот) кои покажуваат во кои области се ослободуваат поголемиот дел од стакленички гасови и како се развива или менува процесот во текот на една година. Снимките покажуваат емисии на CO2 во 2021 година, со емисии обоени во портокалова боја за фосилни горива, црвена за согорување на биомаса, зелена за копнените екосистеми и сина за океаните.

Сините точки покажуваат каде јаглеродот во голема мера се апсорбира во океанот, а зелените точки на копното. Најголемо е загадувањето во североисточниот дел на САД и зеленото пулсирање на амазонската прашума додека дрвјата апсорбираат јаглерод во текот на денот.

Гледаме и како портокаловата боја доминира во атмосферата, односно како емисиите на фосилни горива се шират како што поминуваат месеците за на крајот да ја покрие целата планета.

 

Второто видео  ги прикажува Европа, Блискиот Исток и Африка. Таму може да се видат повисоки концентрации на емисии на фосилни горива кои доаѓаат од европските земји и Саудиска Арабија. Има и помалку забележлив облак од црвени емисии од Африка.

 

На третата визуелизација се гледаат Азија и Австралија. Овде можеме да забележи како значителна количина на загадување го затемнува Пекинг во Кина, додека многу ниско ниво на емисии на фосилни горива пристигнува од Австралија, со релативно мала густина на населеност.

Поврзани новости