ВМРО-ДПМНЕ е типичен доказ како од голтарска партија се станува најбогатата партија во Европа преку криминал и корупција, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски. Тој пред седиштето на опозициската партија порача дека „белата палата“ е симбол на криминалот, корупцијата и расипништвото на ВМРО-ДПМНЕ.
-Од мала „жолта куќа“ до „бела палата“ на 7 ката вредна 40 милиони евра, со раскошни лустери, со скап мебел, теписи и уметнички дела. Побогата од партијата на Ангела Меркел. Христијан Мицкоски е исто така класичен пример за тоа. Влезе голтар во политиката, па стана советник на Никола Груевски и сопственик на хидроцентрали и бизниси – посочи Каевски.
Додека го држеше пресот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, улета портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, кој му рече на Каевски дека тој влегол како голтар во политиката, а сега на сметка имал 4 милиони евра.
-Народот гледа што се случува, а во СДСМ расте нервозата. Затоа држат пресови во кои безнадежно лажат дека Македонија блеска, дека државните резерви се полни, а тие го штителе стандардот. СДСМ бегаат од избори, затоа што знаат дека ќе завршат пред лицето на правдата – посочи Стоилковски.