(ВИДЕО) ЈСП доби нафта, скопјани заборавија дека има протест

by Fokus

Со транспарент во дворот на Град Скопје на кој пишува „500 милиони денари се должат на ЈСП од влада за бесплатен студентски превоз” со стрелка насочена кон Илинденска, беа пречекани новинарските екипи кои треба да известуваат од протестот за јавниот превоз во Скопје.

Пред објектите на Градот нема граѓани, а организаторот на протестот, градоначалникот на Шуто Оризари – Курто Дудуш се уште не е пристигнат.

Инаку, од утрово се нормализира автобускиот превоз во Скопје, откако синоќа во базните станици на ЈСП беше испорачана нафта за автобусите.

Вчера главниот град остана без јавен превоз поради недостиг на нафта. Возеа само 25 автобуси на гас.

Советот на Град Скопје вчера одржа вонредна седница поради состојбата со автобусите, при што координаторите на советничките групи постигнаа консензус и донесоа заклучок со којшто ја поздравија одлуката на Владата за позајмување на нафта од државните резерви за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и побараа заедно во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во градот.

Орце Костов

Поврзани новости