Бојан Јовановски, познат како Боки 13 бара повторување на постапката за случајот „Рекет“, во кој беше осуден на 9 девет години затвор. Тој денеска пред Кривичниот суд одржа прес-конференција, на која кажа дека имало нови околности, кои не биле земени во предвид во постапката.
„Се докажа дека при побарување на оштетните побарувања, дека не може човек кој сторил неправда да бара правда, и дека не се утврдени елементи на добиен статус на оштетен и да добие средства назад кои не беа утврдени.
Доставивме документи во смисла на тоа дека самото економско вештачење не кореспондира со наводите, односно образложението на пресудата за „Рекет“ од основен кривичен суд, и целосни спротивни искази дадени од страна на Јордан Камчев, што за првпат Ратка Камчева се појави како сведок во Основниот граѓански суд, а согласно пресудата, дека таа дала средства во висина од 350.000 евра, за тие 1,5 милиони евра, и тоа да го кажа пред Судот дека не дала никакви средства, и дека нема таа зошто да им позајмува на Јордан и Ана Камчева, а за кои Ана Камчева тврдеше дека им ги дала во некаков несесер, таа категорично го негираше тоа.
Се надевам дека Основниот кривичен суд ќе има за доблест да ги прифати наводите, и да ја повтори постапката, и целата јавност да дознае кај кого завршија парите, затоа што вистината не беше утврдена, затоа што се судеше врз основа на шпекулации и така е донесена пресудата“ рече Јовановски.
Тој посочи дека експремиерот Заев бил човекот кој комуницирал дирекно со овие лица и бил човек од позиција на моќ кој можел да влијае.
„Тој е се само не човек кој го бранел законот. Заев изврши влијание за Јордан Камчев да го добие пасошот назад и за тоа имам докази. А за парите од „Рекет“ Русковска и Камчев знаат каде се. Русковска со овој предмет си направи себепромоција. Таа прво тврдеше дека парите се во мојот дом, па потоа сум ги потрошил на мојата телевизија 1 ТВ, за на крај да каже дека се потрошени на гардеробата која сум ја носел, а ми беше запленета. Тоа се три различни изјави
Во кривичната постапка не беа утврдени уште неколку факти, особено што Зоран Милески – Кичеец кој призна вина и го отвори патот кон ослободителна пресуда, никогаш гласот не му го слушнавме, што сега ако го прашаме што признал, нема да знае да одговори“, изјави Јовановски.