Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, преку објава на социјалните мрежи упати критики за состојбата во општината, оценувајќи дека Карпош во моментов се соочува со сериозна негрижа во одржувањето на јавните површини.
Тој посочи дека низ општината може да се забележат висока трева, искршена урбана опрема и исушени дрвја, додавајќи дека Карпош никогаш не изгледал полошо.
„Трева до колена. Искршена урбана опрема. Исушени дрвја. Вака денес изгледа Карпош“, напиша Јакимовски во својата објава.
Според него, и покрај тоа што, како што наведува, со општината управуваат повеќе лица и институции, резултатите на теренот изостануваат. Тој оцени дека наместо уредени паркови и редовно одржување, граѓаните се соочуваат со запуштени јавни површини и недостаток на грижа за општинската инфраструктура.
Јакимовски порача дека жителите на Карпош не бараат ништо повеќе од ред, чистота и домаќинско работење, оценувајќи дека актуелното раководење со општината не ги исполнува овие очекувања.