Врховниот лидер на Иран ги повика муслиманските нации да „заврзат одбранбен појас“ од Авганистан до Јемен и од Иран до Газа и Либан. Ајатолахот Али Хамнеи зборуваше додека ја водеше петочната молитва во Иран првпат по речиси пет години.
Во согласност со иранската традиција, тој го одржа својот говор со пушка покрај себе. Во десниот агол на насловната фотографија се гледа дел од цевката на пушката.
Тој рече дека непријателот на Иран е ист како непријателот на палестинската држава, Либан и другите муслимански народи.
Тој додаде дека нападот на 7 октомври на Хамас врз Израел – за време на кој Израел соопшти дека околу 1.200 луѓе биле убиени, а 250 биле земени како заложници во Газа – е легитимен чин, како и нападот на Иран врз земјата оваа недела.
„Иран повторно ќе го нападне Израел доколку е потребно“, рече тој.
„Брилијантната акција на нашите вооружени сили пред неколку ноќи беше целосно легална и легитимна“, рече Хамнеи.
Хамнеи голем дел од својот говор посвети на Хезболах и Хасан Насрала, кој беше убиен од Израел во Бејрут минатиот петок.
Вториот дел од неговата проповед беше одржан на арапски јазик.
„Израел никогаш нема да ги победи Хамас и Хезболах“, рече Хамнеи.
„Народот на Палестина има право во лицето на непријателот што ја зазеде нивната земја, дом, фарми и влијаеше врз нивните животи – да застане за себе. Палестинскиот народ има законско право да се брани“ порача Хамнеи.