Во најновиот број на неделникот „Фокус“ објавуваме интервју со универзитетскиот професор д-р Ванчо Узунов. Експертот по економија од Правниот факултет во Скопје вели дека оваа влада нема да спроведе вистински структурни реформи, бидејќи е фокусирана на мерки што само ќе ѝ го продолжат владеењето. Според него замрзнатите бруто-маржи не го дадоа економскиот ефект бидејќи владата направи кардинална грешка и им даде на трговците прво да се прилагодат и да ги покачат цените, па потоа реагираше со мерка на веќе покачени цени.
Разговараше: Орце КОСТОВ
НЕСЛУЧАЈНА КАРДИНАЛНА ГРЕШКА
ФОКУС: Замрзнати бруто-маржи не го дадоа економскиот ефект, основната потрошувачка кошничка е намалена за нецели 60 денари. Зошто министерот Дурмиши се фали дека има ефект оваа мерка? Каков резултат се 57 денари заштеда?
УЗУНОВ: Не беше доволно доблесен да рече не даде резултат и ќе правиме нешто друго. Ќе беше пофер од негова страна.
Инаку, ефекти не се постигнаа, но ефекти немаше ниту да се постигнат бидејќи владата направи кардинална грешка, која не мислам дека ја направи случајно.
Таа прво кажа што ќе прави, им даде време на трговците да се прилагодат и потоа на мерката реагираа на веќе покачени цени. Знаат сите да играат по малку фудбал, ако ти некому кажеш „таму ќе ја подадам топката“, одбранбениот играч што ќе рече: „ајде јас ќе се тргнам, вие дајте гол“. Ако сакаше нешто да направи, требаше поинаку да ја спроведе мерката, но мислам дека не сакаат.
Втора работа што е важна со контрола на маржите, а се докажа и во претходната влада, не можеш да го контролираш растот на цените бидејќи не можеше да го контролираш процесот. Премногу маркети, премалку инспектори, башка што не ја работат работата сите како што треба.
Тоа не е решение, зашто владата го правеше, затоа што сака да глуми дека нешто прави. И сега кој поверува поверува, не знам дали многумина поверуваа од граѓаните.
Животниот стандард е задача на владата и тој сега опаѓа или не расте, не толку поради инфлацијата, туку поради покачување на цените на одредени категории производи кои се битни за животниот стандард, особено за посиромашните граѓани. Сега владата има повеќе опции да се справува со проблемот.
Може да ги покачи минималната плата и ниските плати, ако тоа не може, не мора да оди преку плати и пензии. Најсиромашното население користи социјални приходи, тие треба да се зголемат и точно да се таргетираат тие граѓани. А за останатите граѓани тука треба да се види со влијаење врз добро регулирање на пазарната структура на одредени категории производи.
Ние немаме инфлација поради објективна причина, туку трговците се олигопол и можат да ја злоупотребат позицијата. Владата, преку своите институции, има ингеренции да го регулира тоа. Имаме закон за заштита на конкуренција и закон за нефер трговски практики. Сега институциите треба да си ја завршат работата. Досега ништо не се направи.
ФОКУС: Помина еден месец од стапувањето во сила на Законот за нефер трговски практики, цените не се намалени бидејќи сѐ уште чекаме да истечат стари договори меѓу набавувачите и производителите и маркетите. Ќе имаме ли ќар од овој Закон?
УЗУНОВ: Ако добро се спроведе, би требало да има. Не е тој бадијала измислен и тој не е измислен во академска средина, туку произлегол од праксата.
Не може сам по себе да има ефекти. Може да произлезе да имаме добар закон, ама поради лошо спроведување, мали или никакви ефекти. Законите во Македонија се многу добри, проблемите е во спроведувањето на законите како што треба, буквално и до крај. Колку години ја зборуваме оваа лекција и ниедна влада не ја научила.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.