Во најновиот број на неделникот „Фокус“ објавуваме интервју со универзитетскиот професор д-р Ванчо Узунов. Експертот по економија од Правниот факултет во Скопје смета покачувањето на старосната граница е неизбежно, но прашање е кога политичарите ќе соберат храброст да ја соопштат мерката и да ја спроведат.
Разговараше: Орце КОСТОВ
ФОКУС: Претставниците на меѓународните финансиски организации побарале да се размисли за подигнување на старосната граница за пензионирање од 64 на 67 за мажи и од 62 на 65 за жени, ПИОМ не сака да предложи такво нешто, но остава на владата да одлучи. Што би значела една ваква мерка?
УЗУНОВ: Тоа по мое мислење е неизбежна мерка, но прашање е кога политичарите ќе соберат храброст да ја соопштат мерката и да ја спроведат. Тоа не треба да ни го каже некој однадвор, ниту ММФ, ние треба да го знаеме тоа овде.
Знам дека е непопуларно за многу граѓани, тоа ми е совршено јасно, но таква е ситуацијата. Македонија сѐ повеќе има проблеми со исплата на пензии, од друга страна нема работна сила. Комбинација со подигнување на границата на пензионирање е и онаа пензионери да добијат дозвола да работат со скратено работно време, како во Хрватска.
И Македонија го доживува тој демографски процес на стареење на населението како и цела Европа. Голем дел од населението е над работоспособна возраст, а млада популација нема доволно. Тука демографските промени те тераат да правиш промени. Овој пензиски систем што го имаме ние е базиран на многу стара идеја на Бизмарков систем во тогашна Германија.
Мора да има поместување, подигање на старосната граница со други мерки, но владата не знам кога ќе собере храброст да го соопшти и да го спроведе.
Но, бидете сигурни пред локални избори нема да го направи. Толку многу сака да ги добие изборите оваа влада, нема ништо да направи што би било на нејзина штета, на штета на изборите. Колку повеќе го одлагаме, проблемот ќе биде потежок за решавање.
ФОКУС: Треба ли повторно да се покачи минималната плата со закон или да им се удоволи на работодавачите, кои сметаат дека платата треба да се одредува според продуктивноста на работникот?
УЗУНОВ: Признавам дека растот на плати треба да го следи растот на продуктивност. Но, како ќе порасне продуктивноста? За неа треба вложување.
Јас би прифатил да се согласат со бизнисмените, растот на минималната плата ќе ја следи продуктивноста, ама ајде вложувајте во продуктивноста трајно: дообука и преквалификација на сите, автоматизација и нова технологија, менаџмент и нови практики, нови пазари, нови производи, тоа ја крева продуктивноста, тогаш ќе расте и платата.
А ние само велиме „јас си го произведувам тоа што сум го правел со години, не ми ја покачувај минималната плата“? Што, ние ќе бидеме вечно сиромашни? Бидејќи бизнисмените не се сиромашни, тие не го чувствуваат тоа. Сиромашен бизнисмен не е бизнисмен или е тотално неуспешен.
Успешните бизнисмени не треба да бидат сиромашни, но не можеме да го оставиме другото население затоа што ние не ја покачивме продуктивноста. Е сега, ќе ти ја покачам минималната плата за да те натерам да вложуваш во продуктивноста, а ако не успееш, ќе те замени некој друг.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.