(ВИДЕО) Интервју со Узунов: Буџетот ќе биде скроен на потребите на Владата да освои што повеќе на локалните избори

by Fokus

Во најновиот број на неделникот „Фокус“ објавуваме интервју со универзитетскиот професор д-р Ванчо Узунов. Експертот по економија од Правниот факултет во Скопје смета дека бидејќи следната година е изборна, буџетот за 2025 година ќе биде скроен да одговара на желбите и потребите на владата да освои што повеќе на локалните избори. Вели дека подигнувањето на капацитетот на нашата економија да создава повеќе како да е прашање од последен приоритет на која било влада и на оваа.

Разговараше: Орце КОСТОВ

ФОКУС: Веќе се креираат контурите и на новиот Буџет за 2025 година. Каков буџет очекувате од оваа влада?

УЗУНОВ: Следната година е изборна и од она што го гледав досега, мислам дека ќе биде буџет скроен да одговара на желбите и потребите на владата в година да освои што повеќе на локалните избори.

Како и многу години претходно, ќе се користи трик за правење буџети, прво се планира нереална стапка на раст, се предвидува БДП 3,5 отсто или повеќе затоа што му дава простор на буџетот однапред да биде поамбициозен. Ако е повисока стапката на БДП, повисока е стапката на раст.

Државата досега многупати ова го правела и истото ова ќе го направи, ќе рече оваа влада дека има многу голем дел на капитални инвестиции во буџетот. Колку се капитални е спорно прашање, но е голема ставка.

Владата ќе дојде со проекции и ќе рече „очекуваме голема стапка на раст, затоа ќе можеме да собереме повеќе пари и да потрошиме повеќе пари за доброто на граѓаните“. Тоа е почетната приказна на секој буџет што се предлага и првата верзија што ќе се усвои на крајот од годината.

Но, во текот на годината, бидејќи нема да ѝ тргне на економијата сама по себе, доаѓаат ребаланси, кратење на ставките, пополнување на оние лошо предвидени дупки и намалување на стапката на раст на БДП, ама пак виновни ќе бидат некои други, дали ЕУ, дали војната во Украина и во Газа, никако владата и тоа пак ќе го гледаме и следната година.

ФОКУС: Ве изненадија ли лошите прогнози на Светска банка и ММФ и дали владата ќе ги сфати сериозно?

УЗУНОВ: Не знам дали ќе ги сфати сериозно владата, а мене не ме изненадија прогнозите. Тие не излегоа туку-така со прогнозите, тоа не е случајно.

Тоа е резултат на нешто што не се случува во Македонија подолг период и оваа влада не планира да го прекине во следниот период. Таа тврди дека не сака да работи како претходните, но во последните четири месеци не направи баш ништо за развојот.

Инаку, слабите економски перформанси беа очекувани бидејќи нашата економија е многу ранлива на неколку работи: ако Германија е во рецесија, Македонија е во рецесија.

Имаше други нестабилности во регионот, како војните, кои ги покачија цените на храната, на енергијата, на снабдувањето, така што тоа беше нормално.

Второ, подигнувањето на капацитетот на нашата економија да создава повеќе како да е прашање од последен приоритет на која било влада и на оваа.

ФОКУС: Министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска само што дојде на функција, информира дека буџетот е оштетен за повеќе од 32 милијарди денари, од страна на претходната влада. Очекувала ОЈО да реагира по ваквите тврдења. Треба ли политичарите вака да се расфрлаат со изјави?

УЗУНОВ: Тоа е избор на секој политичар, некои други не би го направиле тоа. Е сега  во контекстот на целото работење на сите во владата е напаѓање на претходната власт по сите основи.

Докажано, не докажано за сѐ се криви претходните. Тоа е едно однесување на една влада што сака да владее како оваа наша влада сега, за сите нејзини неуспеси да ги обвинува претходниците. Тоа може кратко да трае, нека бидат убедени дека кај нас тоа не може да трае долго, максимум до Нова година.

Потоа и оние најтврдокорните поддржувачи на оваа влада ќе почнат да бараат резултати од оваа влада. Тоа е краткорочно од почеток на владите што се слаби, да бидеме искрени, добро подготвена влада, подготвени министри нема да се вадат на тоа.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости