Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која најави дека Национална комисија ќе го прави последниот филтер после неколку рецензии со цел проверка на евентуални грешки во учебниците како што тоа се случуваше изминативе години.
Разговараше: Орце КОСТОВ
ФОКУС: Учебниците во последните две години беа одраз на општеството, полни со пропусти и грешки, посебно учебникот „Историја и општество “за 5 одделение. Како ќе реагира МОН ако се појават грешки и во другите учебници?
ЈАНЕВСКА: Во минатото имало многу грешки. МОН превзема активности и чекори за ова понатаму да не се пропушти. Една од тие активности е Националната комисија при МОН која ќе има задача после две три рецензии кои треба уредно да бидат поминати, конечно да ги провери учебниците за такво нешто да не ни се случи.
ФОКУС: Какви измени ќе претрпи концепцијата за основно образование, дали освен за деветто ќе има нови програми и за седмо и осмо одделение?
ЈАНЕВСКА: Да, секако, мора да има за да има континуитет, во моментов програмата за седмо и осмо е на јавна расправа. Со Бирото за развој на образование прибираме забелешки, идеи и предлози и кога ќе заврши јавната расправа, ќе се почне со работа на новата програма.
ФОКУС: Годинава во седмо одделение се спојуваат хемија и физика. А учебници нема. Што одлучивте со Бирото за развој на образованието, ќе се чекаат нови учебници или ќе се продолжи со старите?
ЈАНЕВСКА: Учебници за седмо одделение ќе има по старата програма и тука ништо не сме менувале, ниту за овие деца ќе се менува програмата по која што тие почнале да учат бидејќи е недозволиво да им се прават прекини во наставната програма. Учебници ќе има, за следната година за оние кои доаѓаат во седмо, осмо и деветто, предметите ќе бидат одвоени. Но, во тек на оваа година ќе се обидеме да направиме ревизија и за шесто одделение, а тоа е премногу работа. Бирото за развој не е добро кадровски опремено, но јас ги молам и соработуваме убаво, ако можат да ја погледнат програмата за шесто одделение и таму да ги одвојат сите предмети така како што е позгодно и за наставниците и за родителите и за учениците.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.