(ВИДЕО) Илиевски: Скандал во СОЗР – роднини на Томовски дел од тендер вреден 3,5 милиони евра

by Fokus

„На повидок е голем роднинско-корупциски скандал поврзан со работата на директорот на СОЗР, Ивица Томовски. Тендер вреден 3,5 милиони евра добила фирма во која роднина на директорот Томовски станува раководител на подружница од истата фирма во ек на самата тендерска постапка, рече денеска на прес-конференција Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.

Илиевски објасни „како парите на граѓаните завршуваат во џебовите на роднините на функционерите од ДПМНЕ. СОЗР, орган во рамки на Владата склучила договор за обезбедување на државните објекти со компанијата „Праеториан ДООЕЛ“, вреден 3,5 милиони евра. Огласот за тендерот бил распишан на 10 октомври 2024 година и до тогаш, компанијата е во сопственост на Тадеуш Јарчев, а управител е Анета Јарчева. Но, само осум дена подоцна, во ек на огласот, односно на 18 октомври, Власе Танаскоски, роднина на Томовски, влегува во „Праеториан ДООЕЛ Скопје“.

„Регистрирана е подружница во Охрид и за нејзин раководител е избран токму роднината на Томовски, Власе Танаскоски. Адресата на подружницата се совпаѓа со седиштето на компанијата „Гашо Пласт“, чиј сопственик е уште еден близок роднина на истиот функционер. Ова е класичен пример за злоупотреба на функцијата и директен конфликт на интереси“ вели потпретседателот на СДСМ.

Според него, „Владата на ДПМНЕ овозможува коруптивни шеми за лични интереси на функционерите од власта. Ова е синдром на еден коруптивен систем на ДПМНЕ кој работи за испумпување на парите на граѓаните, само за богатење на мал круг луѓе блиски до власта“.

„Со вакви криминални шеми, Владата на Мицкоски го уништува правото и ја нарушува довербата на граѓаните во системот. СДСМ бара итна реакција од Антикорупциската комисија, Јавното обвинителство и сите надлежни институции. Неопходно е целосно да се истражи случајот и да се утврди одговорноста за овој скандал“ дециден е Илиевски.

Поврзани новости