Одделот за воздухопловни единици на МВР со хеликоптер од типот Bell 212 продолжи со гаснење на пожарот кој го зафати делот помеѓу селото Крушица и планината Песјак и Кичевија. При гаснењето на пожарот во период од шест ипол часа беа исфрлени 35 тони вода. Пожарот е локализиран со што не е дозволено да се прошири кон селата Козичино и Дупјани.
Последнава година Министерството за внатрешни работи заедно со Одделот за воздухопловни единици, за потребите на Хеликоптерската единица за полициски намени, која во рамки на МВР постои од 1969 година и е опремена со 3 хеликоптери марка „Бел”, ги препозна потребите на државата за поуспешно справување со пожарите, а со тоа и подобра заштита на граѓаните и имотот.
За да се овозможи успешно користење на опремата беше спроведена меѓународна обука од словенечката полиција, и тоа за носење подвесен товар и за гаснење на пожари. Обуката успешно ја завршија сите пилоти на Хеликоптерската единица за полициски намени.