За околу 2,5 денари по литар се очекува да бидат намалени цените на нафтените деривати во земјата, откако Владата и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини договорија попуст со најголемиот снабдувач, компанијата ОКТА, информираше во петокот премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Кочани, Мицкоски истакна дека разговарал и со голем дел од сопствениците на бензински пумпи кои кажале оти попустот од добавувачот ќе го пренесат на крајните корисници.
„Добра вест за македонските граѓани е што ОКТА на компаниите коишто соработуваат со нив од денеска ќе им даде попуст од отприлика 45 до 50 долари по тон. Тоа би значило намалување некаде околу 2,5 денари по литар. Бидејќи регулаторна ја одредува највисоката цена, очекувам откако ова ќе биде објавено, во текот на денот, за од прилика 2,5 денари по литар да бидат намалени нафтата и нафтените деривати“, изјави Мицкоски.
Но, два дена подоцна Регулаторната комисија за енергетика излезе со нови цени: дизелот ќе се покачи за 6,5 денари, а бензините за7 денари.
Премиерот ја утна прогнозата за намалување на горивата иако им влеа надеж на граѓаните дека енормното поскапување минатата недела од 14,5 денари ќе биде краткотрајно.
Барем така најавуваа светските берзи. Цената на барел нафта варираше, но се смири на околу 100 долари за барел, а тоа не беше доволно РКЕ да ја намали цената.
Тој најави и мерки за намалување на данокот на додадена вредност, најпрво од 18 на 10 отсто, па од од 10 на 5 проценти, во зависност од движењето на цената, појаснувајќи дека за намалување на акцизите има закон, но засега нема најави дали на владина седница ќе се преземе нешто.
„Ние сме Влада избрана од народот и мора да се однесуваме во полза на интересите на граѓаните. Тоа значи дека ќе тргнеме со намалувањето на зафаќањето коешто и така е најмало, споредено не само со државите во регионот, туку и во Европа. Не акцизите. За акцизите има закон, кој вели дека цената на нафтата на светските берзи треба да биде над 800 долари по тон, значи меѓу 800 и 1.000 долари по тон, за 1 денар акциза, 1.000 до 1.200 – два денара, па 4 денари итн. Сега не е на тоа ниво, сега е некаде околу 600 – 650 долари“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека има притисок од соседните држави, во пограничните места, од каде доаѓаат да полнат поевтино гориво, иако претходно на 11 март во Стопанската комора ги понуди бензините на граѓаните од соседните земји.
„Еве, нашите ресурси се ставени на располагање на соседните држави и на граѓаните од соседните држави за поевтина цена да полнат гориво“.
Орце Костов