Францускиот претседател Емануел Макрон попладнево беше домаќин на првата средба помеѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, која се одржа во Елисејската палата, пред вечерашната церемонија на отворањето на катедралата Нотр Дам.
Катедралата Нотр Дам се отвора по неколкугодишно реновирање поради пожарот што го зафати овој историски споменик на 15 април 2019 година.
Церемонијата, која започнува во 19 часот, ќе заврши со концерт нешто по 21 часот, по што ќе следи вечера за гостите во Елисејската палата.
Утре ќе се отслужат две миси, кои ќе одбележат историски момент за поклоници на овој легендарен споменик.
Предвидено е претседателот Макрон да одржи краток секуларен говор пред катедралата, по што парискиот надбискуп ќе ја изврши првата церемонија и ќе ги отвори вратите на зградата, по што ќе следи литургија со благослов.
Отворањето ќе биде означено со порака од папата Франциск, која ќе биде прочитана на почетокот на церемонијата.
Во Париз пристигна Трамп, а го пречека домаќинот Макрон. Покрај Доналд Трамп и Џил Бајден, сопругата на американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден, гости се италијанскиот претседател Серџо Матарела, грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, како и педесет други шефови на држави, меѓу кои и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, како и белгиската кралска двојка Филип и Матилда и многу други.
Британскиот принц Вилијам ќе се сретне со Трамп на свеченото отворање на обновената катедрала, потврдија денеска од неговиот кабинет.
Како што се гледа на фотографијата, Трамп ќе седи во првиот ред покрај првата дама на Франција, Брижит Макрон.
Според француските медиуми, меѓу гостите е и Илон Маск.
Во Париз пристигна и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Макрон, Трамп и Зеленски со неколку фотографии ја овековечија средбата во Елисејската палата.
Некои медиуми сугерираат дека Зеленски ќе има индивидуални средби и со Макрон и со Трамп.