Силниот ветер го отежнува гаснењето на големиот пожар што денеска околу 11 часот избувна во градот Горњи Бановци кај Гребаштица во Шибеничко-книнската жупанија во република Хрватска. На терен се повеќе од 150 пожарникари, а пожарот го гаснат седум авиони, пренесе Индекс.хр.
Пожарот не е ниту под контрола ниту локализиран. За жал, пожарот зафатил неколку куќи и автомобили во Гребаштица, а семејствата се евакуирани. Пожарот од Гребаштица е отстранет во текот на попладневните часови, но се шири по ридовите кон Примоштен и му се заканува на кампот во Бил.
Полесно се повредени четири лица, тројца пожарникари и еден граѓанин, за кои пожарникарите тврдат дека доброволно дошле во зоната за гаснење пожар да го следат и снимаат гаснењето.
Според информациите од хрватските медиуми засега тешко е да се каже дали пожарот е подметнат.
Пожарникарите се распоредени долж Јадранската магистрала над Шпарадиќ и кон Примоштен, јавува N1.
„Најголемата пожарна линија, долга еден километар, е на ридот Јелињак, кон внатрешноста на Примоште, кон самото село Калина. Во моментов во тој дел дејствува воздухопловството, тоа е голем комплекс од борови шуми, тоа е многу непристапен дел, но пожарникарите од копнените и воздушните сили даваат се од себе“, рече Дарко Дукиќ, главен началник на Противпожарната бригада, пренесе Индекс.хр