Руинираниот објект во непосредна близина на мостот „Беласица“, кој долги години претставува грда слика во безмалку строгиот центар на Скопје, има приватен сопственик, кому важечкиот урбанистички план му дава право на оваа локација да гради 10-катница. Имено, како што пишува најновиот број на неделникот „Фокус“, овој запуштен објект, заедно со најголем дел од околното земјиште, е во сопственост на градежна компанија, која беше обвинета па ослободена за наместен тендер.
Според податоците од Катастарот на недвижности, големиот запуштен објект со габаритна површина од 639 квадратни метри е опфатен со КП 12855/2, додека околното градежно земјиште од 2.161 квадрат, сосе најголем дел од другите полупропаднати објекти со вкупна површина од околу 750 квадрати, се опфатени со соседната КП 12856/1. Притоа, дел од помалите објекти влегуваат во КП 12856/2, но тие, исто како и соседните 12857/2, 12856/3 и други парцели не се во приватна сопственост, туку се во сопственост на државата.
Што се однесува до првите 2 парцели (КП 12855/2 и КП 12856/1) со вкупна површина од околу 2.800 квадрати, каде што има постоечки објекти, се во сопственост на Друштвото за транспорт, градежништво и трговија „Вато“ од Батинци, Студеничани. Се работи за компанија, која влезе во фокусот на јавноста откако беше обвинета заедно со „Трансмет“ и „Силекс“ во рамки на предметот „Труст“, што се однесуваше за злоупотреби при тендер за ископ во РЕК Битола тежок над 17 милиони евра.
Колку за потсетување, Обвинителството ги товареше трите компании и нивните одговорни лица дека во тендерската постапка, каде беше склучен договор за јавна набавка во 2011 година со тогашен АД ЕЛЕМ, денешен ЕСМ, доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување иако ја немале, односно механизацијата со која располагале била со помал капацитет. Практично, тие беа обвинети дека со фалсификувани документи наместиле милионски тендер.
Меѓутоа, кривичниот суд донесе одлука со која за злоупотреба на постапка за јавна набавка ги осуди Сеад Кочан од „Трансмет“ на 6 години и Василије Авировиќ од „Силекс“ на 3 години затвор, а за третообвинетиот Сафет Ватиќ од „Вато“ донесе ослободителна пресуда. Подоцна, апелација му ја намали казната на Кочан на под 5 години, на Авировиќ му ја замени со условна казна од 2 години откако неговата мајка Владанка Авировиќ гласаше за Преспанскиот договор, а за Ватиќ ја потврди ослободителната пресуда, со образложение дека немало основ за кривична одговорност.
-Правдата дојде во Македонија. Конкретно за нас, правдата е достигната. Конечно гледаме дека со новата власт и ваквите судења правдата е достижна за секого кој е праведен – рече Мујо Ватиќ, брат на ослободениот Сафет Ватиќ, откако нивниот адвокат изрази респект кон судот. Како што е познато, подоцна „Трансмет“ на Кочан пропадна, а нивниот имот беше конфискуван. Во меѓувреме, пак, „Вато“ продолжи успешно да функционира на пазарот, па дури и плодно да соработува со низа државни и општински органи, склучувајќи вредни договори за јавна набавка.
Според Бирото за јавни набавки, „Вато“ во последните неколку години соработувал со повеќе општини, така што само со Град Скопје склучил неколку високи договори за реконструкција на „Борис Трајковски“, „Димо Хаџи Димов“ и „Александар Македонски“ во износ од над 250 милиони денари. Понатаму, компанијата склучила договори со Општина Студеничани за реконструкција на локални патишта од над 100 милиони денари, со Кисела Вода за линиски објект од околу 32 милиони денари, со Петровец за локални улици од 23 милиони денари, со ЈПДП за потпорни ѕидови од 21 милиони денари итн. итн.
Податоците од Централниот регистар покажуваат дека оваа компанија е основана во 2001 година, а моментално како сопственици фигурираат Сафет Ватиќ и Алдин Ватиќ, со тоа што двајцата се јавуваат како коуправители заедно со Мујо Ватиќ. Згора на тоа, Мујо Ватиќ го поседува друштвото „Мис Вато“, кое има концесија за експлоатација на варовник на локалитетот Јаболци-Говрлево, каде, според достапните информации, има каменолом и асфалтна база. Финансиските извештаи, пак, говорат дека „Вато“ во последните 3 години остварува приходи од околу 300 милиони денари секоја година и добивки меѓу 18 и 33 милиони денари.
Како оваа компанија го стекнала земјиштето под и околу руинираните објекти, како и самите објекти во непосредна близина на мостот „Беласица“ и кејот на реката Вардар, открива историјатот на движење на сопственоста со кој располагаме. Од овој документ произлегува дека најголем дел од имотот бил во сопственост на физичко лице сè до 1955 година, кога тогашна федеративна Југославија врши експропријација за потребите на Министерството за индустрија и рударство. Во тоа време, на ова место почнало да функционира Индустриско училиште.
Всушност, следните крупни промени се случуваат по осамостојувањето на Македонија, кога се издвојуваат повеќе денешни парцели од стари парцели со поинакви параметри. Во 2011 година, земјиштето под денешниот запуштен објект се евидентира во сопственост на државата, а неколку години подоцна Министерството за индустрија и рударство го губи корисничкото право. Во 2015 година, пак, врз основа на делумно решение за приватизација од Министерството за финансии-Управа за имотно правни работи, сопственик на земјиштето под објектот станува „Вато“.
Претходно, во текот на истата 2015 година и во изминатата 2014 година, оваа компанија стекнува различни делови од пропаднатиот објект по пат на договори за купопродажба со физички и правни лица, врз основа на што потоа се спроведува приватизација на земјиште под главниот објект. Во врска со земјиштето зад објектот, кон Вардар, „Вато“ се јавува како негов сопственик дури во 2021 година, врз основа на решение за приватизација од 2020 година. Дотогаш, земјиштето е државно, но паралелно се спроведуваат постапки за легализација на бесправни објекти, така што „Вато“ стекнал сопственост врз објекти на оваа парцела во 2019 година.
Оттука, „Вато“ во периодот 2014-2021 година прво стекнува сопственост врз најголем дел од објектите по основ на купопродажба или по пат на легализација, а во меѓувреме спроведува и постапки за приватизација на земјиштето под и околу објектите, така што денес поседува најголем дел од земјиштето што влегува во една градежна парцела, додека помал дел е државно, со активна постапка на приватизација на друга компанија. За разлика од земјиштето кон Вардар, кај државното земјиште од другата страна, кон булевар Гоце Делчев, има чиста ситуација, без прибелешки.
Инаку, Деталниот урбанистички план „Судска палата 1“, донесен во 2011 година, на местото на оваа локација предвидува изградба на објект со максимум 40 метри висина, со приземје и 10 ката, чија намена е Б4 – деловни простории. Веќе објавивме дека 10-катница со намена Б4 се предвидува и на соседната локација кон малата бензиска пумпа „Макпетрол“, која функционираше како див паркинг се додека деновиве не започнаа градежни активности. Ова земјиште е во сопственост на „Омега Билдинг“, фирма-ќерка на „Делта 2015 Констракшн“ на докторот Александар Николиќ, кој всушност двете фирми ги презел од Камчеви…
Влатко СТОЈАНОВСКИ










