Запуштениот тревник кој долго време функционираше како див паркинг, лоциран меѓу малата бензиска пумпа „Макпетрол“ близу МРТВ и руинираниот објект кон мостот „Беласица“, деновиве беше заграден, додека внатре започнаа градежни активности. Имено, како што може да се забележи на лице место, багер започна да копа јама, а ископаната земја ја изнесуваа камиони.
Проверките што ги извршивме во Катастарот на недвижности покажуваат дека ова земјиште е претставено преку 3 катастарски парцели, сите во рамки на катастарска општина Центар 1. Станува збор за КП 12852/2, 12854/3 и 12853/3, кои се во сопственост на компанијата „Омега Билдинг“.
Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија моментално е во сопственост на друга компанија – „Делта 2015 Констракшн“ на познатиот кардиохирург од „Аџибадем Систина“, Александар Николиќ, кој впрочем двете фирми во изминатиов период ги презеде од „Бетон Штип“ и „Орка Холдинг“ на семејството Камчеви – малцински акционери во „Систина“.
Како што е познато, бизнисменот Јордан Камчев беше осуден во предметот „Империја“, додека подоцна тој, други членови на семејството, како и семејни компании се најдоа на „црна листа“ на САД, поради вмешаност во „интензивна корупција, перење пари и поткопување на демократските институции“. Набргу потоа, доаѓа до промени во сопственичката структура на некои семејни компании, меѓу кои е и „Омега Билдинг“.
Историјатот на промени на оваа фирма основана во 2010 година открива дека таа прво го носела називот „Туш Недвижности“, која на почеток била во сопственост на истоимената словенечка компанија поврзана со „Енгротуш“ на Мирко Туш, кој во 2007 година преку „Туш Трејд“ влезе на македонскиот пазар со цел да отвори ланец од 20 супермаркети.
Иако отвори 3 супермакети во Штип, Куманово и Велес, сепак, за кратко време словенечката фирма се повлече од земјава. Арно ама, таа во меѓувреме го стекнала атрактивното земјиште во поширокото централно подрачје на главниот град. Како течела цела постапка?
Уверението за историски преглед за извршени запишувања што го обезбедивме покажува дека овој имот прво бил на југословенското министерство и секретаријат за одбрана, а потоа се евидентира како парк во сопственост на МРТВ. Впрочем, таква била состојбата се до 2006 година, кога со одлука на Влада земјиштето станува државно.
Притоа, во текот на истата 2006 година земјиштето преминува во сопственост на „Туш Македонија“ преку договор за отуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба. Во 2010 година, пак, земјиштето преминува во сопственост на „Туш Недвижности“, која подоцна добива нов домашен сопственик, кој автоматски станува сопственик и на недвижниот имот.
Практично, уште неколку години пред словенечката фирма официјално да замине од Македонија во 2015 година, тие кренале раце од имотот кај МРТВ на „Туш Недвижности“, која во 2011 година преминува во сопственост не штипската „Еземит“ на Зоранчо Митровски. За потсетување, и тој беше обвинет и осуден во „Империја“.
Во следните години, во сопственичката структура на „Туш Недвижности“ или денешна „Омега Билдинг“ се менуваа добропознатите „Искра ММ“, „Софија Градба“, „Ексико“, а во 2013 година единствен сопственик станува „Бетон Штип“, каде акционери беа Камчеви, Панделески, Мијалкови.
Но, кога штипски „Бетон“ падна во стечај во 2019 година, резултатот беше формирање на нов субјект со сличен назив во 2020 година во сопственост на Камчеви, Панделески и Сергеј Самсоненко. Меѓутоа, подоцна дојде до промени во ова друштво, така што единствен газда на новоформираната „Бетон Штип“ остана „Орка“ на Камчеви.
Откако „Бетон Штип“ стана единствен сопственик на „Омега Билдинг“ во 2013 година, првиот предизвик за компанијата доаѓа во 2018 година, кога извршител врши заплена на уделот на „Бетон Штип“ во „Омега Билдинг“. Заедно со штипски „Бетон“, стечај беше отворен и за „Омега“, така што цел процес завршува во 2020 година со враќање на реорганизираниот „Бетон Штип“ како единствен сопственик на „Омега Билдинг“.
Кон крајот на 2024 година, доаѓа до последната значајна промена, така што нов сопственик на „Омега“ на местото на „Бетон“ станува „Делта 2015 “, која една година претходно веќе преминува во сопственост од „Орка“ кон Николиќ. Па така, денес Николиќ преку „Делта“ ја поседува „Омега“, а со тоа го поседува и земјиштето меѓу „Макпетрол“ кај МРТВ и мостот „Беласица“, т.е. меѓу бул. „Гоце Делчев“ и реката Вардар.
Инаку, Деталниот урбанистички план „Судска палата 1“ донесен во 2011 година, или истата година кога, случајно или не, „Омега Билдинг“ добива домашен газда, на предметната локација на оваа компанија кај Судска палата предвидува изградба на објект со максимум 40 метри висина, со приземје и 10 ката, чија намена е Б4 – деловни простории. Ниту од компанијата, ниту од Општина Центар одговорија на нашите прашања.
ЦЕЛАТА СТОРИЈА МОЖЕ ДА ЈА ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС”, КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК
Влатко СТОЈАНОВСКИ






