Граѓани вечерва на Плоштадот Македонија во Скопје со своите мобилни телефони направија ѕвездено небо и молчеа во знак на сеќавање на на 62-те жртви и над 200 повредени во пожарот во дискотеката „Пулс” во Кочани, која се случи пред шест месеци.
„Шест месеци има институционален молк за оваа огромна трегедија во која 62 млади луѓе го загубија животот. Тука сме да ги потсетиме интитуциите дека треба да си ја работат својата работа и од утре веќе нема да молчиме. Денеска овој молк не е исполнет само со тага туку и со лутина поради нивното непостапување“, рекоа организаторите на собирот.
Од иницијативата „Кој е следен?“ им порачаа на институциите да си ја вршат својата работа и да им помогнат на луѓето во Кочани наместо да се шетаат со приватни авиони и да трошат буџетски пари.
„Нема многу тешко да му падне на буетот доколку им се помогне на граѓаните во Кочани. Од друга страна нашите властодршци се шетаат со приватни авиони што многу повеќе чини отколку да им се помогне на тие луѓе. Ние самите собираме средства кои генерално од народот се собрани. Парите во буџетот се и наши, а треба да сме свесни дека ваква трагедија може на секого да му се случи.
Корупцијата треба да запре, институциите да си ја вршат својата работа“, велат оттаму за „Фокус“.
„Можеби не сме доволно гласни, ние сме кроток народ, но немаме бесконечно трпение. Треба да покажеме дека сме заедно и дека не не интересираат партии и дека сакаме да живееме во една држава која ќе функционира буквално за сите а не само за богаташите“, додадоа од „Кој е следен?“ за „Фокус“.
Со ова, како што беше кажано вечерва, се оддава почит кон загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани и се дава поддршка кон нивните најблиски кои се соочуваат со огромна загуба. Поддршка е упатена и кон повредените, кои се во процес на рехабилитација, од несреќата што се случи пред шест месеци.
Граѓани во центарот на Скопје може да остават и пораки до семејствата на настраданите во пожарот во кочанската дискотека.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март годинава, зеде 62 жртви, а околу 200 лица се здобија со повреди и беа пренесени на лекување во болниците низ земјава и странство.





Орце Костов