(ВИДЕО+ФОТО) Црквата во центарот на Скопје продолжува да се гради преку ново здружение!

Откако градежната компанија „Бетон Скопје“ ја турна во стечај фондацијата преку која започна изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица Македонија, Скопската епархија при МПЦ-ОА ги подмирила сите долгови кон фирмата-изведувач, па неодамна продолжи изградбата на верскиот храм, но преку новоформирано граѓанско здружение.

by Фокус

Пред да падне во стечај, градежната компанија „Бетон Скопје“ на Минчо Јорданов не успеа до крај да ги реализира договорите склучени со државни институции, ниту пак да продаде дел од вредниот недвижен имот, со цел да обезбеди средства за да го реализира изготвениот план за санација и да ги надмине тешкотиите во работењето со кои се соочи акционерското друштво.

Поранешна фирма на зетот на Минчо ќе го воскреснува скопски „Бетон“ од стечај!

Поточно, скопски „Бетон“ не успеа да го продаде хотелот во Охрид и недоградениот хотел во центарот на Скопје, до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Единствено, успеа да го продаде хотелот во Дојран, кој всушност за 1,3 милиони евра го купи компанијата „Репро 21“, во сопственост на „Репро Оне Лимитед“ со седиште на Британските Девстевни острови, чиј сопственик е Јорданов.

Офшор-фирма на Јорданов купува еден од хотелите на „Бетон“

Она што плус „Бетон“ успеа да го „избоксува“ пред да падне во стечај, судејќи според јавно изнесени тврдења на засегнатите и вклучените страни, е да ги наплати побарувањата за изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица Македонија, лоцирана веднаш покрај Домот на АРМ.

(ФОТО+ВИДЕО) Новиот објект на Народна банка зјае недограден, откако „Бетон“ наплатил 15 милиони евра за 2 третини од договорот!

Пред десетина години, дузина фирми и граѓани донираа пари за изградба на храмот, а целиот процес одеше преку фондацијата „Св. Цар Константин“. Арно ама, кон крајот на 2020 година, фондацијата падна во претстечајна состојба, откако изведувачот „Бетон Скопје“ побара исплата на долг од 1,1 милион евра.

(ГАЛЕРИЈА+ВИДЕО) Хотелот на „Бетон“ до ВМРО-ДПМНЕ е во процес на легализација додека трае стечајната постапка!

Иако стечајот се иницира врз основа на нотарски платен налог од милион евра, градежната компанија тогаш тврдеше дека целокупниот долг на Фондацијата и МПЦ-ОА кон нив надминува 4 милиони евра. Патем, од таму најавија дека овој долг ќе се исчисти на тој начин што ќе се префрли кон приватната здравствена установа „Ремедика“.

Но, на почетокот на следната 2021 година скопскиот граѓански суд носи решение со кое предлогот на скопски „Бетон“ за отворање стечајна постапка над фондацијата-должник се повлекува. Пред неколку месеци, т.е. во јуни, пак, скопската епархија при МПЦ соопшти дека целосно ги подмирила обврските кон изведувачот и дека градежните работи продолжуваат, без да изнесува детали.

Фрескописот и другите потребни работи се извршуваат од донации, но за целосно довршување на храмот ќе биде потребна дополнителна помош, па се очекува да помогнат и верниците, стопанствениците, приватните  бизнисмени, како и сите луѓе добронамерници. Новиот храм е во целосна сопственост на скопската епархија, со сите подмирени долгови од порано кон изведувачот на градежните работи, кој долгот го пријави дури по неколку години“, соопштија од скопската епархија при МПЦ.

Според информации на „Фокус“, довршувањето на верскиот храм оди преку новоформирано Здружение за заштита и зачувување на „Свети Константин и Елена“, основано во август годинава од страна на 5 физички лица. Од таму ни беше кажано дека досега нема ниедна трансакција на сметка на друштвото, додека нашите обиди да се информираме од МПЦ за начинот и текот на изградба на црквата останаа неуспешни.

Сепак, направивме увид на самото место, каде што забележавме дека во дворот на храмот се вршат градежни работи. Притоа, разбравме дека ангажирана е компанија која врши надзор над работите. Во внатрешниот дел од црквата немаше активности, но можеше да се види дека и таму има голем напредок, беа поставени скелиња и можеа да се видат и готови фрески.

 

Поврзани новости