Снимките од руски војници како пукаат во човек со кренати раце на автопат надвор од Киев на почетокот на март го обиколија светот.
Сега Русите се истиснати од областа, објави BBC, чиј репортер изброи 13 тела на кошмарниот дел од патот долг не многу повеќе од 200 метри, помеѓу Мрија и Мила, села чии украински имиња се преведуваат како Сон и Душо.
Двајца од загинатите се потврдени како украински цивили кои биле убиени од Русите. Останатите сè уште не се идентификувани. Лежат каде што се убиени, но само двајца носат препознатливи украински воени униформи.
Тимот на Би-би-си успеа да стигне до областа на главниот автопат Е-40 додека се приближуваше до Киев, бидејќи украинските сили го зазедоа секторот само 10 часа претходно.
Како што објавува британскиот медиум, трагите од битка и тешко гранатирање биле насекаде. Бензинските пумпи и хотелот кој бил добро познат по својот спа центар и ресторан биле во урнатини. Дупки од гранатирање имало на двата коловози.
Некои одговори веќе постојат за еден брачен пар кој беше убиен на 7 март. Нивниот ‘рѓосан автомобил распарчен со шрапнели стои на патот до една од бензинските пумпи.
До него се изгорени и извиткани остатоци од тело од маж. Венчалниот прстен сè уште е на прстот на трупот. Испружено во внатрешноста на школката на нивниот автомобил е она што останало од запаленото тело на жена, со отворена уста во нешто што изгледа како крик.
Нивната смрт беше снимена со украинско беспилотно летало на 7 март, управувано од единицата за територијална одбрана. Единицата го објави видеото, кое беше повторно објавено од новински организации ширум светот, предизвикајќи бес, бидејќи го прикажуваше ладнокрвното убиство на човек кој ги крена рацете за да покаже дека е безопасен, во класичниот гест на предавање.
Телата се на Максим Јовенко и неговата сопруга Ксјена. Тие беа дел од конвојот од 10 цивилни возила кои се обидуваа да побегнат и да стигнат до Киев.
Додека возеле по патот, забележале руски тенк во позиција, вкопан на работ на тревата. Видеото од дронот покажува дека тенкот е јасно означен со буквата V, еден од идентификаторите што ги користат руските вооружени сили.
Останатите автомобили направија брзи свртувања и се оддалечија со голема брзина. Но, автомобилот на Максим застанал, најверојатно затоа што бил погоден.
Штом автомобилот застанал, Максим излегол и ги кренал рацете. Бил застрелан за неколку секунди. Неговата сопруга била убиена во автомобилот. Во автомобилот биле и нивниот шестгодишен син и постарата мајка на еден од пријателите на Максим. И двајцата преживеале и на крајот биле ослободени од руските војници.
Биле пронајдени како се враќаат по патот, а жената му кажала на семејството дека Максим викал дека во автомобилот имало дете кога го убиле. И двајцата преживеани, според единицата за беспилотни летала сега се безбедни, но длабоко трауматизирани.
Автомобилот сега е изгорен, но не бил запален во нападот. Една хипотеза е дека телата и автомобилот биле запалени за да се уништат доказите за злосторството. Единицата ја доставила својата снимка од дрон до украинските власти и до Метрополитен полицијата во Лондон.