Пред повеќе од век и половина, во далечната 1873 година пристигнал првиот воз со парна локомотива во железничката станица во Велес. Тој момент е означен како почеток на развојот на железницата која требало да ја поврзе Македонија со светот.
151 година подоцна и 33 години од независноста, државата е само делумно поврзана со светот затоа што приоритетот на сите влади, коридорот 8 кој требаше да ги поврзе источниот и западниот дел со што граѓаните и стопанството ќе имаат железнички пристап од Црното и Јадранското Море се уште не е завршен.
Проектирана во далечната 1869 година од еврејскиот бизнисмен Мориш Хирш кој го финансирал градењето на железничката инфраструктура во овој регион, пругата Скопје – Софија се уште се гради и освен најави и пролонгирања, нема прецизни рокови кога ќе биде пуштена во употреба.
Првиот проект за нејзината изградба беше најавен кон крајот на 80-те години од минатиот век, но од осамостојувањето до денес пругата е политички декор на секоја од партиите во изборните кампањи.
Додека власта е на добар пат да постигне договор со бугарската страна за изградба на третата делница од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до меѓудржавната граница „Фокус “беше на терен за да видиме како тече изградбата на останатите две секции.
Во овој момент се работи на 89 километри на источното крило на Коридор 8 кон Република Бугарија од Куманово преку Бељаковце до Крива Паланка и потоа до самата граница.
Па, ако првата траса од Куманово до Бељаковце е речиси готова, сосема поинаку е на втората траса меѓу Бељаковце и Крива Паланка, каде што, според податоците што ги обезбедивме, на половина од времетраењето на договорот, процентот на реализација е 25 отсто.
Првата делница од Куманово до Бељаковце е при крај, изградени се постојки со настрешници за патниците и клучки за пристап со возила до малите попатни станици.
Се вршат финални работи на новоизградената станица „Бељаковце“ која е со неколку колосеци и ги исполнува сите стандарди за модерна железничка станица.
На втората секција од Бељаковце до Крива Паланка некаде до првиот тунел, има само напуштени мостови, механизација која не се користи, односно е гаражирана близу надвозник кој не е довршен.
Вршени се одредени ископи и пробивања на трасата до првиот тунел, но иако беше најавено, не се работи со голема динамика на втората секција.
Ако оваа траса се изгради до 2027-2028 година, може да се очекува дека третата траса од Паланка до Бугарија ќе биде готова околу 2032 година што претставува само оптимистичко сценарио.
Од претпристапните фондови на ЕУ Македонија доби 50 проценти од парите за финансирање на пругата, а парите за третата делница од пругата кон Бугарија, која е од Крива Паланка до граница, се обезбедени 155 милиони евра од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан. Тоа е надополнување на претходно добиениот грант од 61 милион евра од програмата ИПА 2, или вкупно 216 милиони евра за проект со проценета вредност од 405 милиони евра.
За втората фаза, од Бељаковце до Крива Паланка инвестирани се 155 милиони евра за изградба на 34 километри нова пруга. Се очекува да биде завршена во договорниот рок до февруари 2026 година.
На првата делница се изградени железнички станици во Ново Куманово, Шупљи Камен и Бељаковце, како и шест стојалишта, на втората ќе има станици во Крива Паланка и Гиновце и три стојалишта, додека на третата, долж 24 километри се проектирани 25 тунели и 51 мост.
Прашањето за пругата кон Бугарија влезе во фокусот на јавноста по ревизорскиот извештај за капиталните инвестиции финансирани преку државниот буџет, ЕУ фондовите и други меѓународни институции во кој е посочено дека проектите за изградба на железничката инфаструктура во првата и втората фаза кон исток се започнати уште во 1996 година и се уште не се завршени.
Бизнисот ја чека пругата за да ја зголеми трговската размена со Бугарија
Раководството на Македонски железници смета дека поврзувањето кон Бугарија и кон Албанија е потенцијал за голема трговска размена. Трговската размена со Бугарија се очекува да биде повеќе од една милијарда евра, а размената со Албанија да ги надмине сегашните 500 милиони евра.
Предвидувањата пред пет години беа дека со изградбата на првите две делници, транспортот на стока би бил поголем за 22 проценти, а со изградба и на третата делница за околу 46 проценти. Со ова изградбата на Куманово-Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка во 2025 година би овозможила транспорт на 6.421 тони на ден, а со третата делница Крива Паланка -Граница со Бугарија во 2046 година би бил можен транспорт на 22.876 тони стока.
Бројките без изградба на првите две и третата делница би биле 4.967 тони односно 12.132 тони стока.
автор на текст и видео: Орце КОСТОВ