Компанија чиј основач и управител била министерката за енергетика, Сања Божиновска, направила долгови од речиси 1 милион евра кон државната МЕПСО, обелодени опозициската СДСМ.
-Замислете, над 70% од вкупниот долг на МЕПСО во тоа време го направила само една фирма, фирмата „ЕНГ сервис трејд ДОО Скопје“ на Божиновска. Долгот е за неплатена електрична енергија и до крајот на 2017 година достигнал 59 милиони денари или скоро 1 милион евра.
По одредено време, МЕПСО покренува постапка за наплата на долгот и иницира тужба против фирмата на Божиновска. Во 2019 година, спроведено е и вештачење од судски вештак кој ја утврдил вистината на каматите на фирмата на Божиновска која му должена на МЕПСО. Значи цели две и пол години Божиновска нема абер од плаќање на долгот кон државата, изјави Методија Илиевски од СДСМ на денешната партиска прес-конференција.
Според него, потоа Божиновска го менува името на фирмата во „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“.
-Веќе во 2022 година, фирмата „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“ работи со загуби и станува деловно неактивна. Причина за бришењето е поради тоа што не поднела годишна даночна пријава, внимавајте, за 2019 година. Денес ја прашуваме Божиновска, а го прашуваме и Мицкоски, каде се парите? Дали се вратени 1 милион евра долг кон државната МЕПСО, де факто пари на граѓаните? Каде се 1 милион евра? Ова ли се менаџерските способности и експертизата на Божиновска, да згаснуваат и менуваат имиња на фирми кои должат пари?, праша Илиевски.