Реформската агенда е закопана во место и ништо не се помрднува, истакна прeтседателот на СДСМ и претседавач на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на Република Северна Македонија, Венко Филипче, на денешната седница на советот.
Филипче во обраќањето порача дека голем дел од законите од реформската агенда кои се врзани со рок до јуни 2025 година не се влезени се уште во собраниска процедура.
„До јуни 2025 година треба да се донесат околу 20-тина а закони, а ниту еден од нив не е влезен во собраниска процедура. Тоа се закони најмногу во правосудството, во делот на енергетиката, дигитализацијата и еден закон во областа на културата. Ние може да очекуваме поддршка и треба да очекуваме поддршка и таа поддршка ја добиваме од земјите кои се наши партнери, меѓутоа на крај од денот, најмногу останува на нас што ние тука ќе сработиме дома за да го унапредиме нашиот систем“, рече Филипче.
На седницата, Филипче посочи дека само со интензивна работа, претприемачки дух и визија може државата да се движи напред и да се зајакнат институциите, нешто што за жал во овој момент како што рече Филипче не е видливо од страна на Владата.
„Сметам дека стравот од некакви тамошни блокади треба конечно да го трансформираме во храброст и сите заедно да смогнеме сили државата да ја бутнеме напред, нема од што да се плашиме. Ако сите заедно кажеме дека нашиот национален консензус е членството во ЕУ конечно треба сите да работиме заедно. На крајот на краишта кога сме сите заедно никој не може да биде од надвор посилен од нас“, порача Филипче на денешната собраниска седница на Националниот совет за евроинтеграции.