Околу 200 луѓе – пожарникари, припадници на Армијата, полицајци, вработени во „Национални шуми“, но и локално население се очекува рано утрово да се упатат кон пожарот во Мариовско и да интервенираат на негово гасење. Ова доцна синоќа го најави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, откако пожарот кај Мариово ескалираше.
Синоќа се одржа седница на општинскиот кризен штаб во Прилеп, на која била констатирана потребата од повеќе човечки ресурси и воздушна поддршка за гасењето на големиот пожар.
Ангелов вчеравечер информира дека пожарот се проширил поради силниот ветер, а во текот на вчерашниот ден во гаснењето се обиделе да се вклучат хеликоптер и „ертрактор“ на ДЗС, но поради високиот чад биле повлечени оти нивното летање над пожарот било небезбедно.
Пожарот, како што изјави Ангелов, се движи во насока на селата Бонче, Крушевица, Пештани, Дуње и Кален.
„Во гаснењето ќе учествуваат околу 200 професионалци. За рано наутро се договорени повеќе мерки, меѓу другото: ќе бидат вклучени 70 припадници на АРМ, 25 припадници на специјалната полиција, 40 вработени во ЈП ‘Национални шуми’ и повеќе од 60 пожарникари од повеќе градови. На терен ќе има вкупно 195 лица, припадници на АРМ, пожарникари, од специјалната полиција. Покрај прилепските, се ангажирани и пожарникари од Кавадарци, Охрид, Битола, Ресен, Новаци, од Могила, Кочани, Радовиш, Свети Николе, Струмица и од Штип. Ако има потреба, изутрина ќе се повикаат други пожарникари“,изјави Ангелов.