(Видео) Ердоган: Има двајца вистински лидери во светот – јас и Путин

by Fokus

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека во моментов има само двајца вистински лидери во светот, а тоа се тој и рускиот претседател Владимир Путин, пренесува руската државна новинска агенција ТАСС.

„Сега има само двајца лидери во светот. Тоа сме Владимир Путин и јас. Ова не го велам затоа што јас сум еден од нив. Но, јас сум на функција 22 години, речиси колку и господинот Путин. Другите си заминаа. Сакаме нашиот дијалог да продолжи. Важно е политиката да продолжи. На пример, политиката заврши во Германија кога Ангела Меркел поднесе оставка“, рече Ердоган.

Тој додаде и дека го почитува поранешниот германски канцелар Герхард Шредер.

„Неговото ниво на почит кон нас беше сосема поинакво и тој беше навистина добар лидер. На пример, за време на Рамазан, тој не пиеше пиво на нашата маса. Тој покажа почит, нашиот дијалог со Шредер продолжува до сега, па дури и повремено ја посетува Турција“, додаде тој.

Во последните месеци, Ердоган се обиде да иницира мировни преговори со цел да се стави крај на војната во Украина. Тој постојано ја истакна цврстата поддршка на Турција за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Поврзани новости