Експлозија се случи во магацин за муниција во близина на грчкиот град Волос во централниот дел на Грција, кој беше зафатен од пожарите. Моментот на експлозијата е снимен за време на директен пренос од новинарка на Телевизија Астра.
Грчката државна телевизија ЕРТ соопшти дека магацинот се наоѓа во крајбрежниот град Неа Агијалос, во областа Магнезија во регионот Тесалија, пренесува „Sky news“.
„Дел од складиштето за муниција на касарната на воздухопловните сили во Неа Агијалос гори и се слушаат експлозии“, потврди портпаролот на противпожарната бригада Јанис Артопиос.
Тој додаде дека во тој реон седум авиони и три хеликоптери го гаснат пожарот што гори од вчера.
Магацинот се наоѓа на околу шест и пол километри северно од главната воздушна база.
Воздухопловните сили соопштија дека складиштето е однапред евакуирано и дека нема пријавени повредени, а превентивно е наредена евакуација на неколку села во поширокото подрачје, пренесува агенцијата АП.
Во тек е итна евакуација од Неа Агиалос, јавуваат грќќките медиуми. Мајки со бебиња во раце, неподвижни луѓе, семејства со домашни миленици, брзаат кон морето, кон глисери и гумени чамци за да избегаат на отворено море и да се спасат од сигурна смрт. Десетици граѓани успеаја да се евакуираат со своите возила од овој крај, но многумина чекаат на плажата да стигнат до нив и да ги однесат на безбедно.
Во Волос се стационирани и српските пожарникари кои пристигнаа во Грција за да помогнат во гаснењето на пожарот кој веќе две недели беснее во таа земја и во кој животот го загубија пет лица.
Од 13 јули досега во земјата избувнаа околу 600 шумски пожари, од кои повеќето беа брзо изгаснати. Десетици илјади жители и туристи мораа да бидат евакуирани во последните денови.
&
🔴 #BREAKING
Evacuations in #Greece’s #Volos after #explosion in an ammunition warehouse#Ukraine #Russia #Moscow #Kyiv #EU #USA #Germany #FRANCE #England#Italy #EuropeanUnion#China #Japan. pic.twitter.com/c9yiregTRH— Sky.Earth News (@Sky_Earth_News) July 27, 2023
;