За платите на јавната администрација за 2025 година се предвидени 780 милиони евра, на кои се додаваат 32 милиони евра за планираното покачување на платите во образованието, 84,5 милиони евра за покачување на платите во здравството и 23 милиони евра за растот на минималната плата.
Од планираните расходи од 6,5 милијарди евра, дури 930 милиони евра ќе чинат платите за администрацијата, која работи во над 1.300 институции.
Професорот од Правниот Факултет, Ванчо Узунов вели дека потребна е сериозна реформа во јавниот сектор, освен периодичното покачување на платите. Тоа е крупна реформа, во која прво треба да се направат сериозни анализи во институциите, посебно онаму каде што се удвојуваат или триплираат надлежностите.
– Потребна е многу посериозна реформа на тој сектор, освен покачување на платите. Ако се зборува само за тоа, нема да има ефект, освен тие во одреден период да бидат задоволни. Цела реформа на целиот јавен сектор е многу крупна реформа. Македонија сега има недостиг од работна сила.
Приватниот сектор може да го искористи тоа, но и тој не сака да ги покачи платите и да го извлече најдоброто од јавниот сектор. Тогаш јавниот сектор ќе се најде во сосема безизлезна ситуација затоа што ќе остане со ниски плати и со неквалитетна работа сила. Ќе мора да се прави нешто, само платите ги покачуваа туку-така и тоа не дава ефекти.
Треба да се направи промена, има луѓе во администрацијата што многу работат и придонесуваат, а има и еден куп што не работат ништо. Тоа треба да се исчисти прво. Не работиш, догледање, не работи како што треба, догледање. Тие што многу работат многу добро, награди ги.
Тоа е многу покомплексна реформа отколку да седнеме со СОНК, па ќе преговараме за покачување плати. Тоа ништо не постигнува. Многу е комплексна реформата, а владите по дефиниција се плашат од неа како од најголемо зло.
Реформа на јавниот сектор – страшно се плашат од неа. Владата само ги промени раководните личности, тоа не е реформа, туку замена, едни одат, доаѓаат други – вели тој за „Фокус“.
Бројките покажуваат дека во 2014 година, платите на административците го чинеле буџетот 384 милиони евра. Додека, пак, годинава, со ребалансот се одвоени речиси двојно повеќе пари или 724 милиони евра биле потребни за подмирување на платите на државниот апарат. Додека, пак, во 2025 година ќе одвоиме уште најмалку 200 милиони повеќе – или 930 милиони евра, за плати и надоместоци на администрацијата.
Во последните 10 години сумата која се одвојува за плати во јавната администрација постојано расте и е речиси двојно зголемена.
Во 2023 година расходот за плати во државна администрација беше 567 милиони евра, во 2022 се издвоија 540 милиони, во 2021 годнина 504, а во 2020 година околу 480 милиони евра. Ова значи дека расходите за плати во јавниот сектор се дуплирани за само четири години.
Орце Костов