По неполни два месеци откако беше обновена уништената заштитна мрежа на автопатот Неготино – Градско, таа повторно е исечена на десетици места од страна на несовесните земјоделци.
Наместо со возилата по стариот автопат од Неготино, да стигнат до нивите преку надвозникот, тие со цел да заштедат гориво и да скратат пат, не размислувајќи за последиците, ја сечат мрежата и си прават скратен пат, а потоа пеш претрчуваат преку автопатот. Околу тоа кои се сторителите на овие прекршоци кои загрозуваат животи, лесно може да им се влезе во траг.
Нивните возила остануваат паркирани покрај стариот пат, додека да ја завршат работата на полето, а потоа приквечер, повторно го претрчуваат автопатот и со своите автомобили се враќаат назад.
,,Фокус” реагираше поради исечената мрежа на овој дел на автопатот уште кон крајот на месец јули. Од отворите кои ги прават земјоделците, често се случува да се протнат кучиња, диви животни, па дури и крави и да излезат пред автомобилите кои се движат по автопатот, загрозувајќи го животот на патниците и неретко предизвикувајќи несреќи.
Кратко по објавата и апелот да се санира искинатата мрежа, но и да се најдат и казнат сторителите, надлежните служби излегоа на терен и мрежата беше обновена на оние делови кои земјоделците ги исекле, правејќи си патека. Но, не за долго.
По неполни два месеци сликата на автопатот е иста, а на десетици места мрежата е исечена и направени се диви премини. Јавното претпријатие е државен орган одговорен за управување, изградба, реконструкција, одржување и заштита на државните патишта во земјава.
Останува отворено прашањето зошто продолжува да се дозволува нарушувањето на безбедноста на патиштата од страна на несовесните земјоделци, кои со нелегалните приоди на автопатот го загрозуваат животот на учесниците во сообраќајот.
Вики Клинчарова