(Видео) ДУИ: Дискриминаторски буџет од Влада без етнички легитимитет

by Fokus

Предлог-буџетот за 2025 година не е ниту развоен ниту демократски, рече на денешната прес-конференција генералниот секретар на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Фатон Ахмети, koj рече дека предлог-буџетот е поминат во Владата без етнички легитимитет.

„Позната изрека на римскиот политичар и државник Цицерон за буџетот вели дека тој мора да се избалансира, државната каса да се надополни, јавниот долг да се намали, а ароганцијата на службениците да се ублажи и контролира. Затоа, со жалење констатираме дека ниту една од овие карактеристики не е ни приближно предвидена во владиниот предлог-буџет за 2025 година“,рече тој.

Посочи дека има енормно зголемување на буџетските расходи, касата нема да се полни зашто не се почитуваат фискалните правила со дефицит, кој сега е поголем од 2024 година, а јавниот долг ќе се зголеми.

Со тоа, вели дека е евидентно оти буџетот за 2025 не ги почитува фискалните правила сега дефинирани со закон.

Според него, еден од главните дефекти на буџетите е високиот буџетски дефицит.

„Овие планирани приходи и расходи резултираат со проектиран буџетски дефицит во апсолутна вредност од 41,4 милијарди денари или на ниво од 4 отсто од проектираниот БДП. Иако е помал од проектираниот дефицит со ребалансот на буџетот за 2024 година. Но, за ова треба да се почека следниот ребаланс. Ако се спореди со првичниот буџет за 2024 година тој е повисок, беше планиран на ниво од 33,5 милијарди денари, поточно на ниво од 3,4 отсто од проектираниот БДП. Јавниот долг продолжува да расте. Со високиот буџетски дефицит, јавниот долг се зголемува на над 60 отсто од БДП, што на крајот на оваа година се предвидува да биде 62,7 отсто од БДП и уште поголем на крајот на 2025 година“, рече генералниот секретар на ДУИ.

Поврзани новости