(ВИДЕО) Дудуш: „Расистички и дискриминирачки е да оставите 42.000 граѓани без превоз“

by Fokus

Стотици граѓани извикувајќи „Скопје бара превоз“ се собраа на протест пред кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска поради проблемите со градскиот превоз.

„Данела оди си, Данела грда си“, „Што уште треба да се случи за да дадете оставка“, „Ветуваа редовни линии, добивме само лаги“, „Сите заедно заслужуваме редовен превоз“, беа само дел од транспарентите на протестот кој го организираше градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.

– Расистички и дискриминирачки е 42.000 граѓани да оставите без превоз. Ве прашуваме зошто само во Шуто Оризари над 90 отсто возат приватни превозници. Немате залепено никаде дека не смее Роми да се возат. Дали сте слушнале за зборот одговорност, покажете политичка зрелост знаете што значи. Ние родителите, учениците, професорите, мажите, жените, сите кои доцниме на работа, добиваме откази, не можеме да стигнеме лекар.
Итно да пуштите нови автобуси – порача Курто Дудуш.

Група граѓани од населбите Топанско поле, Шуто Оризари и Скопје Север, поднесоа петиција до Град Скопје и од понеделник и до Владата и Министерството за локална самоуправа.

Тие се огорчени бидејќи, како што велат, се заборавени од власта бидејќи приватните превозници не возат кон нивните населби веќе подолго време.

Велат бројот на автобуси кон нивните населби е симболичен и под итно бараат да се најде решение за состојбата со која се соочуваат.

текст и видео: Орце Костов

Поврзани новости