Само со средена држава без корупција и криминал и достоинствен народ може да станеме дел од Европа, се друго е лага, порача кандидатот за претседател од движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски на предизборен митинг што се одржа попладнево во Охрид.
„Ветуваат дека ќе бидеме во ЕУ во 2030 година, тоа не е точно. Не гледаат во очи и не манипулираат. За да станеме членка на Европската унија првенствено Македонија треба да ја средиме, да биде стабилна и самоодржлива држава. Треба да си ги засукаме ракавите дома, да се фатиме за работа да ја спречиме енормната корупција и криминал во државата кои ги создаваа и создаваат политичките елити, да направиме стабилна држава, да станеме свои на своето. Дури тогаш ќе ни ја отворат портата да влеземе таму како достоинствени, горди Македонци, а не како негирани луѓе од балканските простори, истакна Димитриевски.