Техничкиот премиер Талат Џафери, денеска направи увид во градежните работи на патот Кичево-Дебар. Тој беше и на местото каде се изведува реконструкција на ХМС „Дебарско Поле”.
„Се наоѓаме на една од контролните точки за надгледување на процесот за изведување на работи, за реализација на проектот изградба на патот Извор – Дебар, односно Кичево – Дебар. Пат кој е многу значаен, имајќи предвид дека ќе овозможи поврзување на регионот, Горна река, Средна река, Долна река, односно Дебар – Кичево со сите населени места кои гравитираат во регионот. Особено бизнисите кои се отворени, кои ќе се отворат, ќе ја имаат можноста за пократка и побрза комуникација и поврзување на Коридорот 8 за да се олесни и да се скрати времетраење од производството до местото на распределбата и потрошувачите.
Значењето е големо на оваа делница од патот, покрај поврзувањето тесно, регионално внатре во државата, значајно е и во контекст на меѓу-државното поврзување, скратување на комуникација помеѓу соседните држави, значи Република Северна Македонија и Република Албанија. Така што, и за граѓаните кои ќе може да гравитираат во двете насоки е олеснување, како и што кажав претходно за бизнисите“ изјави Џафери.
Делницата е во должина од околу 20 километри и според проекциите би требало да чини околу 20 милиони евра. Реализацијата е предвидена до крајот на годината да се заврши и да се пушти во употреба.
„Иако оваа делница во 80-те години била дел од оние планови во бившиот систем за одбранбени цели, секако овој проект ја има сосема изменето идејата за користење на патот. Наместо за одбранбени работи ќе се користи за слободно движење на граѓаните и тоа е во контекстот за нашето приближување и достигнување на европските вредности, во смисла на слобода на движење на роба, луѓе, капитал и се што следствено на тоа си оди. Покрај тоа ќе може да се користи и убавината на просторот.
Само по себе и во оваа сезона се гледа убавината. Во тој контекст ќе треба сите да придонесеме и во заштита на природата затоа што тоа е контекстот во смисла на се она што е можно да се користи од природата но соодветно и да и возвратиме на природата во смисол на нејзина заштита и сочувување“ посочи Џафери.