Техничкиот премиер Талат Џафери присуствуваше на Инвестицискиот самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој и притоа истакна:
„Сведочиме на многубројни промени, кризи, конфликти со директен ефект врз сите глобални економии. Тука произлегува првиот одговор на прашањето зошто странските инвеститори би инвестирале во Северна Македонија – а тоа е поради нарушувањето на глобалните добавувачки ланци. Поради близината до европските центри, Северна Македонија е една од дестинациите за воспоставување на производство. Имаме добра локација, добри врски и пристаништа блиску до нас како Солун и Драч, па за кратко време производот произведен кај нас може да стигне до друга земја, односно до крајна дестинација.
Вториот аргумент е стабилната состојба на макроекономски и фискален план, интензивниот процес на хармонизација на домашното со законодавството на ЕУ, поволното деловно опкружување и добро развиените програми за поддршка за инвеститорите. Тука ја вклучуваме и стимулативната даночна политика, меѓу другото и преку склучување на договори за одбегнување на двојното оданочување и даночната евазија. Северна Македонија нема закони кои ги дискриминираат странските инвеститори, ние ги сметаме за наши – бидејќи сите придонесуваат за иста цел – подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Трет аргумент се значителните стимулации за компаниите кои работат кај нас. Тие вклучуваат различни мерки, и тоа: субвенции за отворање работни места и за капитални инвестиции, субвенции до 50% од прифатливите инвестициски трошоци за истражување и развој и поддршка на извозниците. Ниското ниво на оданочување на добивките на корпоративниот сектор и доходот на физичките лица, односно 10% стапка на корпоративниот данок и на данокот на личен доход, стимулира раст на економската активност и инвестициите. Кај нас успешно оперираат повеќе технолошки индустриски развојни зони кои се особено атрактивни за странските инвестиции.
Нашата држава предводи во регионот со имплементирани закони и подзаконски акти кои се целосно усогласени со Европската енергетска заедница, со кои е овозможена либерализација на енергетскиот пазар. Отпочнавме преговори со Европската Унија и членка сме на НАТО. Тоа нуди стабилност. Имаме склучено договори за слободна трговија со ЕУ (27 земји), ЕФТА (4 земји), ЦЕФТА (7 земји), Билатерална слободна трговија со Турција, Украина и Обединетото Кралство“.
Џафери во вториот дел од панелот нагласи:
„Република Северна Македонија, по донесување на Законот за енергетика, практично го либерализира пазарот на енергетското поле. Во тој контекст е атрактивна за инвестиции од обновливи извори, имајќи предвид дека земјава во текот на годинава има преку 250 сончеви денови. И, има можности за искористување на силата на ветрот за да може и тој извор да се користи. Од особено значење е електро-енергетската поврзаност со соседите. Во тек е проектот за поврзување со Република Албанија и со тоа фактички се завршува процесот на електро-енергетско поврзување со сите соседи.
Патната инфраструктура, со тоа и железничкиот дел од таа инфраструктура е од особено значење, имајќи предвид дека во тек се изградбите на железничката пруга Куманово – граница со Бугарија и со тоа се поврзуваме понатаму и со инфраструктурата со Бугарија. Коридорот 8 и дел од коридорот 10-Д којшто овозможува поврзување на релација Јон-Адриатик – Црно Море. Од геостратешки аспект е значењето на овој коридор, особено во однос на потребите од НАТО контекст, во потребите за движење и комуникација во логистичка смисла, апропо состојбите во регионот на Црното море, секако и на Блискиот Исток“.