Деветгодишно момче со перспективна кариера во мото трки загина во понеделникот во Бразил, само неколку дена по несреќата за време на тренинг.
Лоренцо Сомаскини паднал од моторот за време на тренинзите на патеката Интерлагос во Сао Паоло, соопшти организаторот на настанот SuperBike Brasil. Сомаскини, родум од Аргентина, се здобил со сериозни повреди и бил пренесен во болницата Џерал да Педреира. Во саботата неговата состојба се влошила и итно бил пренесен во болницата Алберт Ајнштајн, каде што починал, пишува Дејли мејл.
Момчето се подготвуваше за својата прва меѓународна трка во Бразил кога удри на најбавниот свиок на патеката во Формула 1. Неговиот тренер Диего Пјерлуиџи вели дека возел 40 км/ч во моментот на несреќата.
„Тоа беше бавен пад, но тој беше во таква положба што се здоби со повреди на главата“, изјави Пјерлуиџи за Ројтерс.
Сомаскини го имаше своето деби во април на јуниорскиот куп во Аргентина, возејќи Хонда CB250 Twister. Само неколку дена пред трката, Сомаскини за весникот Ла Капитал изјави дека се заинтересирал за спортот кога имал две години.
„Татко ми возеше мотоцикл. Кога имав две години, ме однесе со него во супермаркет и почна да ми се допаѓа. Целта ми е да стигнам до MotoGP”, изјави тогаш Сомаскини.