Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ изјави дека двојните стандарди, кога станува збор за Србија, се гледаат во тоа што нападот на група Албанци од Косово врз македонската полиција во 2015 година не бил терористички чин, туку настаните во Бањска биле, па поради тоа се бара дури и воведување санкции на Србија.
Дачиќ за Косово онлајн изјави дека за ова зборувал и на министерскиот состанок на шефовите на дипломатиите на регионот, како дел од Берлинскиот процес, но дека неговото прашање останало неодговорено.
„ Зборував за двојните стандарди. Имено, во 2015 година бев претседавач со ОБСЕ, а во име на ОБСЕ разговарав со македонските власти. Тогаш беа убиени осум македонски полицајци, а за тоа беше обвинета терористичка група од Косово, составена од поранешни припадници на ОВК – потсети Дачиќ.
Тој посочи дека никој од меѓународните претставници, вклучително и Европската Унија, не го окарактеризирале како терористички чин, иако загинаа осум полицајци. Исто така, Албанија и Косово им оддадоа почит на терористите од Куманово.
„ Бидејќи овде Доника Гервала зборуваше дека Србија се меша во Косово, го нарушува територијалниот интегритет, зборува за терористи, спомнав дека во Домот на културата во Дечани, кој го носи името на нејзиниот татко, беше оддадена чест на терорист кој загина во Куманово. Му е подигнат споменик – рече Дачиќ.
Тој додаде дека во тоа време косовската влада давала по 10.000 евра на секое семејство на жртва или осуденик.
„Прашав – дали тогаш кажавте нешто против Приштина. Како не ви е срам да зборувате за тоа сега? Никој ништо не ми одговори. На сите им е јасно дека има двојни стандарди – заклучи Дачиќ.