„На овој трагичен ден, како одговорна партија оставивме институциите да ја вршат работата без да го политизираме случајот. Немавме намера да држиме прес конференции и да отвораме никакви политички прашања и обвинувања. Луѓето тагуваат и тоа требаше да го направат сите одговорни политичари. За жал, денешната последна прес конференција на министерот Панче Тошковски не остави буквално без зборови и не принуди да реагираме. Леснотијата со која министерот ја отфрли одговорноста од себе и МВР со кое раководи повеќе од една година за оваа трагедија е дегутантна. Прво, да го потсетиме Тошковски дека е министер веќе 13 месеци!“ рече денеска на прес-конференција потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска.
Според неа „СДСМ веруваше дека министерот ќе има доблест да ја каже вистината, прецизно да ја лоцира одговорноста и да докаже дека нема намера да поштедува никој. Но тој, тоа не го направи. Наместо тоа, Тошковски реши да политизира и да обвинува некој друг кога тој лично е како што кажавме министер цела година а Владата ги има сите институции веќе девет месеци“.
„Затоа, бидејќи никој досега не ги постави клучните прашања, ќе ги поставиме ние. Министре Тошковски, нели е срамно да не поднесете одговорност и оставка вие и сите во институциите во услови кога цела година дискотеката работела без лиценца? Чија, ако не ваша била одговорноста тоа да го провери тоа? Чија ако не ваша и на сите инспекторати кои ги водите била одговорноста да провери цела година дали има неправилности во работењето? Понатаму одговорете, како тоа полицијата била таму, како што самиот го кажавте, и не ја затворила дискотеката која очигледно работела надвор од сите пропишани стандарди? Како дискотека која никогаш порано, па дури и со старите лиценци, не смееле да работи после 1 часот работела до 3 по полноќ?“ праша Чупеска.
Таа исто така праша „Таму се организираат настани секој викенд, дали вие воопшто не мислите дека некој досега требал да провери? Дирекцијата за заштита и спасување треба еднаш годишно да ги прави проверките за безбедносни стандарди на сите објекти? Дали било направено и како се дозволило да оваа дискотека работи?“.
Му порача на Тошковски – „Зошто молчите дека токму МВР ги издава и контролира овие компании и поединци кои управуваат со овие средства? Дали и кој е приведен и против кој ќе има постапка во МВР што во дискотека без активна дозвола се палеле пиротехнички материјали. Тука одговорноста е целосно во МВР, зошто молчите за ова?“.
„Во овие моменти имавте можност да докажете дека сте професионалец и пред се човек. Жалиме што со вашето однесување со целата пропаганда која се води на социјалните мрежи вие решивте да го политизирате овој случај. Нека ви служи на чест. СДСМ бара темелна и независна истрага за целиот случај. Апелираме до Обвинителството и сите истражни органи оваа трагедија да ја истражат до крај и граѓаните да ја добијат вистината а одговорните да одговараат“ апелираше Чупеска.