Додека Оливер Спасовски, на неколку дена пред заминувањето од Министерството за внатрешни работи со цела делегација, на товар и на сметка на граѓаните прави прошетки и екскурзии низ Соединетите Американски Држави, Македонија е на прагот на најголемата криза поврзана со личните документи, со акцент на пасошите, изјави Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во крајно нехумани услови, граѓаните со часови чекаат во ред и на студ, а во холовите на Министерството за внатрешни работи, стојат илјадници лични документи кои чекаат да бидат поделени, а уште илјадници чекаат да бидат изработени.
Значи, потполно идентично, како и минатиот, така и овој пат во пресрет на техничката влада и парламентарните изборите кога министерот доаѓа од редовите на опозициската партија, граѓаните се соочени со застој во издавањето лични документи, што пак е директна последица од неодговорното, работење и лошата организација од страна на Оливер Спасовски. Станува збор за сериозно прекршување на законот и несовесно работење за кое Јавното обвинителство мора веднаш да реагира.
Наместо навремено да направи соодветна внатрешна организација и соодветно да ги алоцира ресурсите за изработка на личните документи, Оливер Спасовски направи привидно решение со отворање на нов пункт. Но, парцијалното решение на Спасовски, наместо да го реши проблемот, создаде хаос со цели купови лични документи кои чекаат изработка во депоата на Министерството за внатрешни работи, а за подигнување во нехумани услови се чека со денови. Паралелно со ова, според информациите со кои во моментов располагаме, во Министерството за внатрешни работи веќе се трошат и последните залихи на обрасци за пасоши, неопходни за изработка на документите“ изјави Чулев.
Тој додаде дека доколку Спасовски сакал да воспостави систем за непречено примање, изработка и издавање на личните документи, тогаш требало да предвиди дополнителни капацитети и во делот на изработката, планирањето на ресурсите и издавање на личните документи.
„Оливер Спасовски креираше иста ваква криза пред четири години, кој тогаш се менаџираше и решаваше во техничката влада. Тогаш од страна на Министерството за внатрешни работи беше спроведена постапка и сите докази кои индицираа сериозен криминал беа доставени од обвинителството за гонење на организиран криминал. Но, непостапување од страна ОЈО, е причина кривично дело да биде сторено повторно сега и граѓаните на Македонија повторно да се доведени до состојба кога не можат да ги остварат своите лични права и да патуваат надвор од земјата“ рече Чулев.
Тој предупреди дека по стапувањето на сила на техничката влада, ќе бидат спроведени сите внатрешни процедура со соодветно детектирање на виновникот кој на оперативно и политичко ниво дозволил да се случи ваков сериозен пропуст.
„И во конкретниот случај ќе бидат преземени сите мерки од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, а собраните докази ќе бидат доставени до Јавното обвинителство за постапување. Мора да има одговорност за секој оној кој постапил спротивно на законите. Оливер Спасовски и луѓето околу него, мора да одговараат за негрижата за граѓаните“ порача Чулев.