Маж паднал од балон со топол воздух и починал на лице место, додека летал над Мелбурн, во Австралија. Несреќата се случила 30-тина минути по полетувањето на балонот.
„Брат ми слушна силен тресок, како да паднал голем предмет врз куќата. Излеговме надвор веднаш кога ги слушнавме сирените“, рекол сведокот, а пренесува Фокс њуз.
Засега не е позната причината за падот, но полицијата не верува дека се работи за кривично дело. Истрагата е во тек, а полицајците разговараат со операторот на балонот, другите патници и сведоци.
Телото на човекот било пронајдено во станбена област, која била затворена за сообраќај од страна на државната полиција на Викторија. Балонот од кој паднал човекот сигурно слетал во паркот Јара Бенд. Националната комерцијална индустрија за летање со балони на топол воздух и Австралиската федерација за балони изразија сочувство до семејството на починатиот.
„Дизајнот на корпите со балон е безбеден за патниците, за случајно да не испаднат од балонот. Патниците и операторот се трауматизирани од оваа трагедија, а организаторот на летот обезбедил психолошка поддршка и советување за сите оние погодени од овој настан“, се вели во соопштението на организацијата.