Пред неколку дена се појави вест дека непознат маж го сквернави Колосеумот во Рим кога на оваа зграда стара 2.000 години го издлабил своето име и името на својата девојка.
Италијанците, но и многу туристи ширум светот, беа револтирани од ваквото однесување.
– Крајно срамно и знак на голема некултура е турист да навредува едно од најпознатите места во светот и дел од историското наследство – изјави министерот за култура Џенаро Сангуилијано, кој додаде дека виновникот ќе биде пронајден и казнет.
Како што беше ветено, виновникот е пронајден.
Неговото име е Иван Димитров и потекнува од Балканот. Неговите корени се од Бугарија, но живее во Велика Британија каде работи како фитнес инструктор и се претставува како Иван Хокинс.
Тој беше снимен од друг турист, Рајан Лук, додека го резба „Иван и Хејли 23“ на ѕидот на Колосеумот.
– Откриле дека се работи за пар, маж и жена, кои живеат во Англија. Треба да се напомене дека постапката е во фаза на прелиминарна истрага, па осомничениот мора да се смета за невин до изречена правосилна пресуда – се вели во официјалното соопштение на карабинерите, кои открија кои се главните актери од видеото.
– Им благодарам што веднаш го идентификуваа наводниот сторител на овој нецивилизиран и апсурден чин. Тоа е чин кој ги навреди сите оние ширум светот кои ја ценат вредноста на археологијата, спомениците и историјата. Сега се надевам дека правдата ќе си оди по својот тек и дека законот ригорозно ќе се применува – изјави Џенаро Сангуилијано.
Хејли и Иван минатиот викенд беа во Рим каде уживаа во одморот, а се уште не се вратиле од патувањето. Во нивната куќа биле пронајдени градежни работници.
– Заминаа минатата недела и нема да се вратат две недели. Ние само ја правиме основата. Ни кажаа дека патуваат низ Европа – открија работниците.