Британскиот амбасадор во Мексико е сменет од функцијата откако вперил автоматска пушка кон локален вработен во амбасадата. На социјалната мрежа Х се појави видео од инцидентот, пренесува Гардијан.
Според „Фајненшл тајмс“, Џон Бенџамин бил на службен пат во Дуранго и Синалоа, две мексикански држави со многу силни организирани криминални групи, кога го „нападнал“ својот колега, на кој, како што се гледа на споменатото видео, му било многу непријатно.
Се претпоставува дека оружјето му припаѓало на еден од обезбедувањето кој го придружувал дипломатот. Бенџамин беше отпуштен веднаш по инцидентот.
„Во контекст на секојдневните убиства што ги вршат дилери на дрога во Мексико, тој се осмелува да се пошегува“, пишува на анонимниот Икс профил од каде е објавено видеото.
British Ambassador to Mexico, Jon Benjamin, points a semi automatic weapon at concerned Mexican staff member. In a context of daily killings in Mexico by drug dealers, he dares to joke. @DailyMirror @guardian @TheSun @TheEconomist @Telegraph @DailyMailUK @FCDOGovUK pic.twitter.com/1obqgsNnTD
— Subdiplomatic (@subdiplomatic) May 28, 2024
Во текот на изминатите шест години, Мексико има регистрирано повеќе од 30.000 убиства годишно, додека организираните криминални групи се борат за контрола на територии и бизниси низ целата земја.
Бенџамин, кој стана амбасадор на Обединетото Кралство во Мексико во 2021 година, претходно имаше слични функции во Чиле, Турција, Гана, Индонезија и Соединетите Држави за време на кариерата долга речиси четири децении. Тој повеќе не е на списокот на амбасадори на официјалната веб-страница на британската влада.
Дипломатските односи меѓу Велика Британија и Мексико се генерално многу добри, а двете земји во моментов преговараат за нов договор за слободна трговија.