Повеќе од две децении никако да се воведе ред со сообраќајот на скопските клиники „Мајка Тереза “, а на министерското столче за целиот овој период се сменија дури 15 министри, од кои во последните две години, се менуваат на секои шест месеци.
Скопје низ годините го смени својот личен опис, се потрошија над 600 милиони евра за фамозниот проект „Скопје 2014“, кој урниса сѐ убаво по што беше познат главниот град. Вакви страшни и грандиозни проекти го унаказија ликот и делото на метрополата, а за нив се трошат милиони евра. Но, затоа, пак, за сето она што ги засега граѓаните и удира по нивното здравје, никој нема решение. Само празни ветувања.
Хаос и безредие владее на паркингот на Клиничкиот центар во Скопје и во сите околни улици. Паркингот е премал за да ги собере сите возила на вработените и пациентите, па сите внатрешни улици се блокирани со непрописно паркирани автомобили. Секој ден од 8 до 14 часот, колони возила стојат, нервозни возачи свират, а пациентите умираат уште во возилата на Брза помош, пред самиот влез на скопските клиники, бидејќи се заглавени во сообраќајниот хаос.
Автомобили со странски таблички се паркираат на места за пешаци и патеки за велосипед, бебешки колички и инвалидски колички, а некои граѓани ги газат столбчињата и се паркираат непрописно притоа блокирајќи го патот за поголеми возила.
Паркингот на Клинички центар е еден од најпрофитабилните паркинг-простори во Скопје и во Македонија. Со него, со години управува и стопанисува ЈП „Градски паркинг“ Скопје и беше клучен фактор за финансиска стабилност за претпријатието и вработените.
текст: Ирена Мулачка
фото и видео: Орце Костов