Американскиот претседател Џо Бајден синоќа ја прогласи демократијата под закана и ја нарече неприфатлива позицијата на поранешниот претседател Доналд Трамп за НАТО, во говорот за состојбата на Унијата дизајниран да ја спротивстави неговата визија за Америка и светот со онаа што ја застапуваше неговиот претходник и најверојатно противник на претседателските избори во ноември.
Бајден (81), говорејќи на заедничката седница на Претставничкиот дом и Сенатот, го започна своето обраќање со директно критикување на Трамп за неговиот повик до рускиот претседател Владимир Путин да ги нападне земјите од НАТО кои не одвојуваат доволно за одбрана.
„Сега мојот претходник, поранешниот републикански претседател, му кажува на рускиот претседател Владимир Путин, а јас цитирам: „Прави што сакаш“. Мислам дека тоа е безобразно, опасно и неприфатливо“ рече Бајден.
Тој ги истакна заканите за демократијата што ги поставува Трамп додека поранешниот претседател ги повторуваше тврдењата за неговата загуба на изборите во 2020 година. Трамп вети дека ќе се „одмазди“ за неговиот пораз во 2020 година, кој никогаш не го призна, а правните дејствија против него се натрупуваат.
Поранешниот претседател најави дека во живо ќе ги коригира зборовите на Бајден.
Во своето обраќање за состојбата на нацијата, Џо Бајден рече дека „слободата и демократијата се под закана“.
„Никогаш нашата слобода и демократија не биле толку загрозени во нашата земја како што се денес“, рече тој.
Во супер вторникот, Бајден и Трамп победија на прелиминарните избори на нивните партии за претседателски кандидати, па на повидок е историски реванш на изборите на 5 ноември и покрај ниската стапка на поддршка за двајцата кандидати.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Бајден (81) и Трамп (77) се во многу тесна трка.