Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на денешната вонредна седница на Советот на Градот Скопје ја поздрави одлуката на Владата и премиерот со која се овозможува на градските власти да им се дадат на заем дел од државните нафтени резерви.
„Да истакнам една благодарност не само од мое име туку и од име на градот Скопје и од граѓаните на градот Скопје затоа што утре ќе можат да си стигнат на своите работни места сите оние коишто се движат со јавен превоз и учениците ќе можат да стигнат на училиште. Едновремено би сакала да апелирам до сите вас да се следи овој позитивен пример затоа што доколку е дојден моментот да покажеме пред граѓаните дека сме способни да направиме исчекор и консензус да имаме за прашања коишто се од клучно значење за нивниот интерес тоа можеме да го направиме и повторно со тоа што на следната седница ќе се гласаат сите оние работи коишто навистина се неопходни за нив, рече Арсовска пред советниците.
Таа уште еднаш го објасни проблемот со горивото за автобусите, нагласувајќи дека и покрај тоа што набавката за гориво била навремено направена, сепак, поради нејзиното поништување од страна на Бирото за јавни набавки настанал хаосот во главниот град.
„Она што се случи вчера, да застане превозот поради недостиг на нафта, морам да кажам дека не е предизвикано дека некој несоодветно си ја завршил работата, туку е предизвикано од тоа што редовна постака за јавна набавка, која што е отпочната во рок и која што во рок е завршена за да нема никакви проблеми, беше предмет на управна контрола од страна на Бирото за јани набавки и истата со образложение кое сметам дека не држи, беше поништена и покрај тоа што се работи за јавна набавка која што е за суштински енергенс неопходен за ова јавно претпријатие кое испорачува јавна услуга која е на највисок интерес за граѓаните.
Да се врши управна контрола на јавна набавка, со кое поништување нема да можат децата да стигнат на училиште, нема да можат луѓето да стигнат на работа па и еден ден сметам дека е неумесно. Уште поголема е небулоза дека ние сме требале да се жалиме на таквите одлуки, рече Арсовска.
Таа посочи дека денеска во рекордно време од Бирото за јавни набавки успеале да добијат одобрение за директна спогодба за да може ЈСП во вакви услови да испреговара и да се снабди со овој енергенс.
„Успеавме од страна на Владата во разговор со претседателот на Владата да добиеме ветување и тоа ветување тој го исполни да ја добиеме потребната количина на горива, односно на нафтени деривати коишто ќе бидат сосема доволни за претпријатието до моментот додека не се склучи новиот договор за да може ЈСП да функционира во нормални услови како што требаше и во изминатите денови, рече Арсовска.