Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави видео од малтретирање на коњи. Од Здружението велат дека ова се случува со години пред очите на јавноста и дека „заштитата на коњите постои само на скапо платените билборди од ЕУ“.
„Под превезот на забава и традиција со години се одржуваат примитивни настани со копитари кои се приморани од нивните исто толку примитивни сопственици да влечат трупци со цел да се здобијат со парични награди. Повеќе од очигледно е дека товарот кој се приморани овие животни да го влечат е повеќе од нивниот физички капацитет, бидејќи истите овој пат, а и сите предходни се монструозно тепани, туркани и влечени“, порачуваат од „Анима мунди“.
Според нив, сето ова со години се случува пред очите на јавноста и пред очите на официјалните инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, која пред некоја година спроведе кампања за заштита и благосостојба на коњите.
„Тоа беше прв и последен пат кога оваа институција навидум изрази било каков интерес за овие животни за што е повеќе од очигледно дека благосостојбата на коњите за нив постои само кога се работи за проект финансиран од ЕУ„велат од Анима Мунди.
Од здружението бараат од Агенцијата за храна и ветеринарство да ги забрани овие настани во кои страдаат животните.