Чешки хелихоптер „Блек хок“ денеска го гаси пожарот во атарот на селата Брезница и Тажево во близина на Македонски Брод.
Ова попладнево го изјави Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи, посочувајќи дека овој пожар зафаќа голема површина и е многу тежок за гасење. Сепак, додаде дека од огнот не е зафатено ловиштето „Јасен“.
„Проблемот е што мора да се симне на помала надморска височина, да наполни вода, па да се искачи горе на повеќе од 1.400 метри, да ја истури водата и повторно да се врати. Благодарност до храбрите пилоти од Чешка. Пожарот од селата Брезница и Тажево се движи со крак кон ‘Јасен‘, но ловиштето не е зафатено од пожар. Вработените на ‘Јасен‘ не дозволија да навлезе во територија на ловиштето“ – вели Ангелов.
Покрај овој пожар, веќе неколку дена трае и пожарот на Илинска планина, а е тежок, како што вели директорот на ЦУК, зашто зафаќа голема површина и создава црн и темен чад, што ја отежнува работата на воздухопловите.
„Активен е и пожарот кај охридското село Косел, што се движи нагоре кон планината. Пожарот во атарот на Богданци отиде кон ветерниците и се уште е активен. Воздухопловите не се во состојба да дејствуваат поради силниот ветер“ – рече тој.