Во текот на денешниот ден досега има 17 пожари на отворено и шумски пожари. Од нив, 6 се целосно изгаснати, додека 5 се под контрола.
„Во моментов имаме 6 активни пожари. Првиот и најсложен пожар за гасење е на територијата на општина Македонски брод, во атарот на селата Тажево и Брезница, пожар којшто беснее повеќе денови. Дождот којшто денеска заврна во мала количина не го изгасна овој пожар и тој продолжува со горење. На ова место делува тимот од 40 лица од Унгарија, со специјални теренски возила, како и 50 припадници на македонската армија, поддржани со воздухоплови.
Вториот е на територијата на Пробиштип, поточно на Осоговски планини кој беснее во атарот на село Зелени Град, каде во овој момент дождот да помогне во активностите, но јас сметам дека врз овој пожар воспоставивме делумна контрола. На ова место дејствувавме со повеќе хеликоптери, колку што можевме максимум да испратиме.
На територијата на општина Демир Хисар, имаме пожар на Илинска планина. Многу непријатен пожар. Во текот на вчерашниот ден дејствувавме со ер-трактори, но се создаваше густ црн чад којшто го отежнуваше летањето и ја загрозуваше нивната безбедност, поради што моравме да прекинеме со гасење од воздух. Во овој момент таму дејствуваат сили од земја.
Кај село Пласница се гаси од земја.
Пожарот во близина на Охрид денеска повторно се реактивираше. Предизвикува вознемиреност кај населението, се движи во насока на Ресен, но не претставува закана по ниту едно населено место. Иако има повеќе од 100 луѓе кои гаснат од земја, поради ветерот се изгуби контролата.
Последниот е на територијата на Долнени, кај Лажани. Гори ниска вегетација и се гаси од земја“, , информира директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.