Единаесет пожари се активни во текот на денешниот ден во повеќе делови од земјата, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
За утре се најавуваат врнежи од дожд, што според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов може да бидат од помош и да придонесат за гаснење и воспоставување целосна контрола над пожарите.
„Но, за секој случај подготвена е нова тура на странска помош, така што ако нема врнежи, а има потреба и ако пожарите се одвиваат во несакана насока и со несакана динамика, ние сме подготвени итно да донесеме помош од странство, пред се во воздухоплови“, вели Ангелов во неговата пладневна изјава за состојбата со пожарите.
Во текот на денешниот ден, како што вели тој, проблеми создаваат пожарите на планината Серта.
Еден пожар е на територијата на Општина Штип, над селата Селце и Пухче, и на него во текот на денот дејствувале два хеликоптери и тоа еден полицикси и еден армиски, како и двата „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Ангелов вели дека под контрола е ставен пожар на територијата на Општина Пробиштип, а изгаснати се во Општина Чашка, во Кавадарци кај селото Фариш, во Македонски Брод кај селото Брезница и во Неготино кај селото Калањево кој е изгаснат, но постои опасност од појавување на нови жешки точки.